Антимонополските власти на Франција дадоа „зелено светло“ за американскиот ланец на ресторани „Burger King“ да ги преземе 405-те ресторани на францускиот ривал „Quick“.
Договорот за преземање не и штети на конкуренцијата во Франција, наведоа регулаторите, пренесува агенцијата Франс прес.
Единствената препрека која стоеше на патот за преземање е прескокната кога „Burger King“се согласи да се откаже од договорите за франшижи на островот Корзика.
„Burger King“ кој во моментов во Франција има 30 ресторани, по аквизицијата ќе стане вториот најголем ланец на ресторани за брза храна во Франција по својот американски ривал „McDonald’s“.
„Quick“ вработува 19.000 лица и минатата година оствари приходи од 1,02 милијарди евра, од кои 818 милиони на францускиот пазар.