26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦената на нафтата стабилна близу 40 долари

Цената на нафтата стабилна близу 40 долари

nafta 300

Цената на нафтата се стабилизираше на светските берзи близу ниво од 40 долари по барел, со оглед дека неочекуваниот пад на резервите во САД не ја отстрани загриженоста поради тврдокорното прекумерно снабдување.

На лондонската берза цената на барелот остана речиси непроменета во однос на претходното затворање и изнесуваше 40,23 долари. Позначителни промени во цената немаше ниту на американскиот пазар, каде со барелот се тргува по 37,05 долари.

На почетокот на тргувањето цените ги поттикна неочекуваниот пад на резервите на сирова нафта во минатата недела, за дури 3,6 милиони барели, покажуваат официјалните податоци на американската влада.

„Ова е само мал зрак на светло, засега се консолидираме над 40 долари по барел. А OPEC во минатата недела покажа дека е без заби, сигнализирајќи дека нема ништо да стори за да го спречи уништувањето на зголемената понуда“, толкува Мајкл Хјусон од CMC Markets.

OPEC на минатонеделниот состанок не успеа да ги усогласи ставовите за производните квоти, што ги поттикна стравувањата од дополнително зголемување на и онака прекумерното снабдување со оглед на очекуваното зголемување на извоз од Иран, но и од други држави.

Во четвртокот нафтениот картел прогнозираше поостро намалување на понудата од државите вон OPEC во наредната година, што би требало да значи дека неговата стратегија на одбрана на пазарниот удел од конкуренцијата со повисоки трошоци на производство носи плод.

Хјусон напоменува дека со оглед на слабата ликвидност на крајот на годината поголеми се шансите цената во Лондон да падне под најниското ниво во 2008 година, кон 38 долари за барел.

Добри вести, пак, стигнаа од Кина, во вид на сигнали на засилена побарувачка за горива, откако продажбата на возила во таа држава скокна во ноември за 20 отсто во однос на истиот период лани, на 2,5 милиони возила, објави Кинеското здружение на производители на автомобили.

Оваа вест донекаде го пригуши влијанието на вишокот на понудата кое по некои проценки се движи помеѓу 500 илјади и два милиони барели дневно и завршува во складишта. Притоа капацитетите се речиси целосно потполнети, што дополнително ја притиска цената на нафтата.

Одделно OPEC на својата интернет страница објави дека цената на барел референтна кошничка негова нафта во средата изнесуваше 34,80 долари, што значи дека падна за 50 центи во однос на претходниот трговски ден.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП