2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПаѓаат цените на половните автомобили – за три години и до 50%

Паѓаат цените на половните автомобили – за три години и до 50%

pol

Понудата расте, цените паѓаат. До половен автомобил се стигнува како никогаш до сега. Големата конкуренција меѓу плацевите и препродавачите во последните три години ја намали вредноста на старите коли и до 50% со што таа речиси и се изедначи со регионалниот просек.

Ford за 700, Yugo за 300 евра – огласниците и плацевите преполни

Само online се активни над 50.000 огласи – Yugo од 80-те може да се најде за 300 евра, а Ford од 90-те за 700. Секако има и луксузни возила кои чинат 10 до 15 илјади евра, но и овие цени веќе претрпеа надолни корекции.

Од друга страна, само во Скопје има десетици плацови кои директно продаваат половни увезени автомобили.

„Последниве 2-3 години работата е драстично опадната иако цените се се пониски. Во просек продаваме по 2 до 3 автомобили месечно. Најмногу се трошат моделите кои чинат од две до три илјади евра, тоа е некој просек, тоа е сумата која може да си ја дозволи нашиот народ“, вели во неврзан разговор сопственик на еден од плацевите за половни автомобили. Никој од нив не сака да даде официјална изјава и став, дури не ни открива зошто не коментира за медиумите.

Освен на некој од плацевите, автомобил може да се најде и на импровизираниот авто пазар кој секоја недела функционира во скопско Маџари. Тука најчесто се нудат моделите кои чинат три до четири илјади евра. Иако има многу посетители, ретко кој е и вистински заинтересиран за купување.

Импортерите на нови возила бараат стопирање на увозот на стари

На проблеми се жалат и импортерите на нови возила. Нивната групација го искористи загадениот воздух за уште еднаш да побара забрана на увоз на возила со помал стандард од ЕУРО 4 односно постари од 10 години.

„Половните возила немаат заштитни филтри и катализатори и емитуваат огромно количество штетни честички во воздухот. Најголемите загадувачи, старите возила, не ги исполнуваат декларираните европски нормативи и ја зголемуваат емисијата на штетни ПМ10 честички во воздухот. Бројката на овие возила, според податоците од Царинска управа, во последните пет години изнесува 191.639, а пред 2010 година ваквиот проблем со прекумерната загаденост не беше регистрирана“ објаснуваше Митко Алексов, извршен директор на Сојузот на стопански комори (ССК).

Можно е воведување мерки за поттикнување набавка на еколошки коли

Надлежните засега не размислуваат за промена на правилникот за увоз на половни возила. Објаснуваат дека мерката имала и социјална, но и еколошка димензија. Сега скоро сите можеле да дојдат до релативно добра кола која значително помалку загадувала од застарениот возен парк кој претходно главно го сочинувале Zastava 101, Yugo 45 или Fiat 1.300, автомобили кои речиси целосно исчезнаа од македонските улици и патишта.

Сепак, Министерството за животна средина размислува да воведе регулаторни и фискални мерки за поттикнување на купувањето еколошки автомобили – намалување на даноците за оние кои загадуваат малку, а зголемување на даноците за оние кои загадуваат многу.

„Податоците покажуваат дека секторот транспорт учествува со 25 проценти во вкупната побарувачка на енергија. Спрема развојните сценарија за побарувачката на енергија, трошоците за обезбедување на потребната енергија и емисиите на стакленички гасови во различни развојни сценарија до 2050 година, најголемо загадување од потрошувачката на финална енергија се очекува во секторот транспорт односно се очекува емисиите на CO2 во транспортот да пораснат над 140 проценти“, изјави министерот за екологија, Нурхан Изаири.

Само годинава увезени над 20.000 половни автомобили

Според податоците на Царинската Управа, во 2015-та, заклучно со ноември, биле увезени 20.365 половни и 3.819 нови автомобили. Во 2014-та речиси 30.000 половни и само 3.000 нови.

Од почетокот на увозот на стари автомобили, според процените, во земјава се влезени околу 150 илјади со ЕУРО 2 стандард кои испуштаат 0,12 микрограми ПМ честички. Емисијата на оние кои имаат ЕУРО 3 е 0.8 микрограми, со ЕУРО 4 е 0.6 микрограми ПМ честички.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП