Трговскиот ден во средата на Македонската берза го одбележа блок трансакцијата со акциите на „Жито Полог“ Тетово, која учествуваше со над 45 отсто во вкупниот промет.
Преку оваа блок трансакција поминаа 5.323 акции по цена од 2000 денари. Во класично тргување единствени „милионери” беа акциите на „Негорски бањи“ АД со вкупен промет од над 8,8 милиони денари и акциите на „Комерцијална банка“ АД со промет од над 1,7 милиони денари. Следна најбарана акција беше акцијата на Прилепска Пиварница каде се реализираа акции во вредност од околу 621 илјади денари по просечна цена од 26.986 денари.
Индексите на Македонската берза денот го завршија без значителни поместувања. Вкупно се тргуваше со 16 хартии од вредност од кои седум немаа промена во цената, кај пет имаше пад, додека четири хартии од вредност остварија пораст на цената.
На чело на добитничката листа се најдоа акциите на акциите на „Скопски пазар“ АД Скопје и „Прилепска пиварница“ Прилеп со идентичен пораст од 3 отсто.