23 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАВолстрит и натаму под притисок на падот на цените на нафтата

Волстрит и натаму под притисок на падот на цените на нафтата

Wall-Street1

На Волстрит во вторникот берзанските индекси паднаа втор ден по ред, бидејќи енергетскиот сектор и натаму е под притисок, а вложувачите ги загрижува забавувањето на растот на кинеската економија.

Така индексот Dow Jones падна за 0,92 отсто, на 17.568 поени, додека S&P 500 индексот се лизна за 0,65 проценти, на 2.063 поени, а индексот Nasdaq загуби 0,07 отсто, на 5.098 индексни поени.

Од десетте сектори на S&P индексот, во вторникот девет забележаа пад, а пораснаа, просечно за 0,2 отсто, само цените на акциите во здравствениот сектор.

Под најголем притисок, како и во понеделникот, беше енергетскиот сектор поради натамошниот пад на цените на нафтата, бидејќи најголемите светски производители на нафта одлучија да го задржат високото ниво на производство, и покрај ниските цени и слабата побарувачка.

Во вторникот цената на нафтата на американскиот пазар се лизна под 37 долари, а на лондонскиот под 40 долари за барел, првпат од рецесиската 2009 година.

Индексот S&P на индустрискиот сектор, пак, падна за 1,5 отсто, при што цената на акцијата на нафтениот гигант „Exxon“ поевтини за 2,8 отсто. Тоа беше веќе петти ден со ред како овој сектор бележи остар пад, па од почетокот на декември е во загуба повеќе од 10 отсто.

„Задржувањето на цените на нафтата на американскиот пазар под 40 долари за барел, претставува своевиден шок за вложувачите“, вели Тим Гриски, директор во компанијата „Solaris Group“.

Остро, за 1,8 отсто, во вторникот паднаа и цените на акциите во рударскиот сектор, што е последица на новите сигнали за забавување на растот на кинеската економија, најголемиот светски потрошувач на сировини.

Последните податоци покажуваат и дека во ноември увозот во Кина паднал веќе 13-ти месец по ред, за 8,7 отсто во однос на истиот месец ланската 2014 година. Извозот, пак, се лизнал за 6,8 отсто на годишно ниво, петти месец по ред.

На пазарите владее претпазливост и поради тоа што веќе следната седмица се очекува првото зголемување на клучните каматни стапки во САД уште од 2006 година. Иако американската економија стабилно расте и иако тамошната централна банка веќе подолго време го најавува тој потег, инвеститорите, сепак, се воздржани.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП