22 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПотпишан договор за проширување на булевар Борис Трајковски од Стаклара до Пинтија

Потпишан договор за проширување на булевар Борис Трајковски од Стаклара до Пинтија

koce-ka

Договорот за проширување на булевар Борис Трајковски од влез во фабрика Стаклара до населба Пинтија беше потпишан во понеделник.

Договорот го потпишаа Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, министерот за финансии, Зоран Ставрески и претставници на компаниите од конзорциумот „ДГ Бетон АД”, „Бауер БГ” и „Понстрој инженеринг ЕАД”.

Проширувањето и реконструкцијата на третата фаза од улица Борис Трајковски ќе се врши на потег од фабриката Стаклара до влезот во населбата Пинтија, со вкупна должина од 2.200 метри, додека вредноста на реализацијата на овој проект изнесува 228.164.592 денари со вклучен ДДВ, или околу 3,7 милиони евра.

Новиот булевар „Борис Трајковски” ќе биде со 4 сообраќајни ленти, со вкупна ширина од 13,7 метри, пешачки патеки од двете страни, како и велосипедска патека за двете насоки на левата страна од булеварот. Градежните работи на улицата Борис Трајковски ќе се искористат за изградба на нова атмосферска канализација по должината на улицата, ќе биде извршена заштита и дислокација на постојните подземни инсталации (електрични и телекомуникациски),  а ќе биде поставено и целосно ново улично осветлување. На новиот булевар ќе се постават нови семафори и ќе биде поставена целосно нова хоризонтална и вертикална сигнализација.

„Со реализацијата на овој проект, Скопје ќе добие уште една нова, модерна сообраќајница, што значително ќе ја зголеми безбедноста на сите учесници со сообраќајот“, изјави градоначалникот Трајановски.

Средствата за реализација на овој капитален проект се обезбедени преку долгорочно домашно задолжување на Град Скопје, кој потпиша Договор за под-заем со Министерството за финансии, во рамки на средствата обезбедени со Проектот за подобрување на општинските услуги финансиран со заем од Меѓународната банка за обнова и развој-Светска банка. Под-заемот треба да се враќа во период од 13 години, со грејс период од 3 години, започнувајќи од датумот на потпишување на овој Договор за под-заем.

„Сакам  да го изразам своето задоволство за потпишувањето на овој договор со кој ќе се реализира уште еден голем капитален инфраструктурен проект што ќе го подобри животот на граѓаните“, изјави министерот Ставрески.

Градежните работи на улицата Борис Трајковски ќе траат 18 месеци.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП