19 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАДржавата ќе покрива дел од надоместокот за специјализација

Државата ќе покрива дел од надоместокот за специјализација

doktori

Министерството за здравство направи измени на Законот за здравствена заштита кои се однесуваат на специјализациите и подобрувањето на статусот на младите лекари.

Измените се веќе усвоени од страна на Владата и доставени на разгледување во Собранието на Република Македонија.

Со нив се предлага кофинансирање на приватните специјализации, односно дел од надоместокот за специјализацијата да го покрива државата. Значајно е тоа што оние млади лекари кои ќе бидат избрани на јавен оглас, ќе засноваат работен однос на определено време со јавната здравствена установа и ќе имаат право на плата и надоместок за дежурство. По завршување на специјализацијата тие ќе бидат вработени без објавување на оглас во јавната здравствена установа за која специјализирале.

„Владата ќе носи програма за кофинансирање на специјализации со која ќе се определува бројот и видот на кофинансирање на приватните специјализации за секоја здравствена установа. На огласот може да се јават млади лекари кои воопшто не се запишани на специјализација, но и сите оние кои веќе се запишани на приватна специјализација“, појасни Тодоров на прес-конференција.

Кандидатите ќе бидат избрани на оглас во кој се предвидени конкурентни критериуми како што се просечен постигнат успех по сите предмети во првиот циклус на високо образование и полагање испит кој е составен од стручен тест и тест за познавање на англиски јазик.

Со измените се предвидува да се кофинансира и специјализацијата по педијатрија и гинекологија. Докторите кои навреме ќе ја завршат специјализацијата ќе склучуваат договор со Фондот за здравствено осигурување и ќе добиваат гарантиран износ од околу 50 илјади денари месечно за приватната здравствена установа која ќе ја основаат по завршувањето на специјализацијата.

„Ова значи сериозен бенефит за младите лекари затоа што од една страна им се субвенционира специјализацијата, а од друга страна имаат или загарантирано вработување или загарантиран договор со Фондот во износ од 50 илјади денари месечно што е сосема доволно за почеток при основање на приватна здравствена установа. На овој начин сакаме да го решиме недостатокот на педијатри и гинеколози во определни градови така што ќе ги стимулираме младите лекари да одберат ваква специјализација“, нагласи Тодоров.

На барање на младите лекари, како дел од измените на Законот за здравствена заштита, се и оние со кои се предвидува секоја здравствена установа да има една или повеќе простории за специјализантите. Исто така, законски ќе биде овозможено нововработениот лекар да може самостојно да укажува здравствена услуга без медицинска сестра во период не подолг од 18 месеци или се додека не достигне број од 700 пациенти.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП