26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПотрошувачите во Скопје се едуцираа за безбедноста на храната

Потрошувачите во Скопје се едуцираа за безбедноста на храната

bezbedna-hrana

Агенцијата за храна и ветеринарство вчера на потрошувачите во супермаркетот Веро Центар и во Тинекс маркетот Зебра им ги претстави едукативните летоци за безбедноста на храната, преку кои тие се информираа за општите и посебните означувања.

Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка со Организацијата на потрошувачите на Македонија ја продолжија кампањата за подигнување на јавната свест на граѓаните за општите и посебните означувања на храната, означување на адитивите, читање на означувањето на прехранбените производи, означување на ГМО храната, на алергените состојки, како и истакнување на нутритивните и здравствените тврдења.

Преку непосреден контакт со потрошувачите на граѓаните им беа објаснети спецификите кои се однесуваат на читањето на декларациите, означувањето на храната и состојките кои ги содржи истата, а за кои тие задолжително треба да бидат информирани преку читање на декларациите на производите.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Дејан Рунтевски изјави дека станува збор за продолжение на проектот базиран на соработката на Агенцијата со Организацијата на потрошувачите на Македонија, кој во рамки на реализацијата на програмата на Владата за заштита на потрошувачите, почна да се реализира минатата година, а чија единствена цел е заштита на правата на потрошувачите.

– Потрошувачите се најважната алка во синџирот на безбедност на храната. Оттаму, годинава активностите на овој проект се насочени непосредно на граѓаните. Нехигиенски услови на производство, немање декларации или непотполни декларации, производи со поминат рок, но и немање или неспроведување на стандардите во производството и во трговијата, се најголемиот дел од претставките кои потрошувачите ги упатуваат до Агенцијата, реќе Рунтевски.

Радува фактот, додаде тој, дека од година во година нивната бројка е се поголема, што упатува на фактот дека  се повеќе  граѓаните стануваат свесни за потрошувачките права, односно затоа што треба да добијат од операторите со храна. – Минатата, во споредба со 2011 година бројот на претставки од граѓаните до Агенцијата беше зголемен за 20 проценти, додаде Рунтевски.

Претседателката на Организацијата на потрошувачите на Македонија, Маријана Лончар-Велкова позитивно ја оцени досегашната соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство во поглед на заштитата на правата на потрошувачите.

– Ваквите интерактивни кампањи непосредно насочени кон потрошувачите и нивна едукација се од особена важност за воспоставување на  комплетниот синџир за безбедност на храната, истакна таа.

Рунтевски оцени дека нема потреба од зголемување на казните предвидени со Законот за безбедност на храната, бидејќи засега добро функционира воспоставениот принцип на таргетирано вршење на инспекциски контроли врз основа на анализата на ризик, што е основа затоа каде да се зголеми или намали интензитетот на контролите.

Информативно- едукативната кампања „Безбедноста на храната е обврска на сите заинтересирани страни во системот за безбедност на храната“ која во четвртокот почна  во Тетово и Гостивар, во текот на идниот месец ќе продолжи да се реализира и во Струга, Струмица, Радовиш,  Валандово, Прилеп, Битола, Свети Николе  и во Пробиштип. 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП