Претседателот на Европската централна банка (ЕЦБ) Марио Драги изјави во петокот дека таа институција ќе ги интензивира напорите за давање на поддршка на економијата на еврозоната и за поттик на инфлацијата кон целните два проценти, ако за тоа има потреба, пренесува агенцијата Франс прес.
Само еден ден по заседавањето на ЕЦБ, Драги изјави дека ризикот од дефлација во Европа е пригушен поради прилагодливите политики на централната банка, и дека ако има потреба, централната банка „без сомнежи“ ќе ја интензивира примената на мерки, како што е нејзината програма за квантитативно олабавување.
ЕЦБ во четвртокот предизвика колапс на акциите на европските берзи, откако најави помало од очекуваното намалување на каматните стапки на депозитите и се воздржа од проширување на актуелната програма за откуп на обврзници, чие траење го продолжи до март 2017 година, во однос на претходно предвидениот рок до септември 2016 година.