2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРеакции за буџетот – задоволни бизнисмени, претпазливи економисти

Реакции за буџетот – задоволни бизнисмени, претпазливи економисти

den

Развојна или социјална – која компонента доминира во предлог буџетот за 2016-та?

Развојна или социјална – која компонента доминира во предлог буџетот за 2016-та? Со проектирани капитални инвестиции од 408 милиони евра, државната каса и наредната година ќе го поттикнува стопанството, сметаат во Стопанската Комора на Македонија (СКМ).

„Ако ги погледнеме ставките во буџетот за капиталните инвестиции за 2016-та, овој буџет е насочен кон развојот. Имаме зголемување за близу 13 проценти. Предвидениот износ е највисок досега. За бизнис заедницата тоа значи заокружување на сите процеси во делот на реализација на патната, железничката и комуналната инфраструктура… Ставките покажуваат дека ќе има работа за домашните компании“ вели Јелисавета Георгиева, извршен директор на СКМ.

Сличен став имаат и бизнисмените обединети во Сојузот на Стопански Комори (ССК). Според нив, иако буџетот е комбинација на социјален и развоен, предвидени биле доволно пари за инфраструктура.

„Буџетот е комбинација од развоен и социјален, за нас е важна реализацијата на капиталните инвестиции, пред се на инфраструктурните проекти во патната, железничката мрежа, како и на енергетските објекти особено во делот на гасификацијата…  Со оглед на зголемувањето на ставките сметаме дека сумата е доволна за реализација на овие проекти, таа е поттикнувач на економскиот развој, тука ќе биде ангажиран градежниот сектор и индустријата, но и уште 25 стопански гранки што е добра основа за остварување раст“ вели Митко Алексов, извршен директор на ССК.

Од друга страна економистите се поумерени и попретпазливи во своите оценки за буџетот. Академик Абдулменаф Беџети вели дека не траба да се гледа само сумата на капитални инвестиции туку и нивната конкретна намена.

„Тука најмалку има класични, традиционални капитални инвестиции. Од типот на инфраструктура и енергетика. Тоа се претежно интервенции во дадени моменти преку мали реконструкции да распрскаат средства низ цела држава за политички цели“ објаснува Беџети.

Буџетот се потпира на два столба, поттикнување на стопанството преку поголемите капитални инвестиции и подобрување на животниот стандард преку повисоките пензии и социјална помош, објаснуваше министерот за финансии при неговата презентација. Според Ставрески тој е баланс на развојната и социјалната компонента.

„Преку висок износ на капитални инвестиции да го помогнеме развојот на македонската економија, а од друга страна да обезбедиме стабилност посебно за ранливите категории граѓани и заштита на нивниот животен стандард преку соодветен пораст на средствата што се наменети за пензионерите, за примателите на социјална помош“, рече Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.

 

Дали има директни мерки за поддршка на компаниите?

Бизнисмените начелно се задоволни од предвидените ставки за директна поддршка. Сепак, во ССК сметаат дека треба да се воведат и нови програми кои пред се би биле насочени кон поттикнување на извозот.

„Поддршка има преку повеќе сегменти… Малите и средните претпријатија се вклучени и во капиталните инвестиции, тука се и субвенциите за земјоделскиот сектор. Конкретно програми за мали и средни претпријатија сметаме дека нема доволно и во иднина треба да се посвети повеќе внимание во овој дел, преку поддршка за учество на меѓународни саеми каде би се правеле презентации, преку имплементација на одредени стандарди како ХАСАП или ХАЛАЛ со што претпријатијата би станале поконкурентни на странските пазари и ќе може да се јават како извозници“ вели Алексов, ССК.

Во СКМ, пак, членуваат пред се големи компании. Тие сметаат дека не траба да се гледаат само директните програми наменети за компаниите, туку и останатите индиректни мерки и форми на поддршка кои, според нив, биле доволни.

„Има поддршка и за големите компании. Во 2015-та година, а тоа ќе продолжи и во 2016-та година, со мастер планот на Националниот совет за претприемништво и конкурентност Владата и бизнис заедницата се договорија да соработуваат, на наше барање е вметната и одобрена поддршката за зголемување на конкурентноста на домашните, посебно на големите компании. Од друга страна радува фактот што се овозможува и интеграција на домашните и странските компании преку нашиот Совет на странски инвеститори, ќе продолжат програмите и во оваа насока“ вели Георгиева, СКМ.

Министерот за финансии, пак, вели дека пакетот за малите и средни претпријатија содржи 11 мерки кои на фирмите годишно им носеле стотици милиони евра олеснување. Според него, приходната, а не расходната страна на буџетот била таа што ја дава најсилната поддршка.

„Даночната стапка во Република Македонија е најниска во светот со ефективна стапка од 7,4 отсто. Таа ја уживаат сите мали и средни претпријатија. Тоа значи дека преку ниските даноци малите и средни претпријатија добиваат стотици милиони евра годишно. Тоа што тие го остваруваат како профит во нивното работење не им се одзема од државата, па државата преку распределба да им го враќа назад што е посложено и понеефикасно, туку им останува сами да го раководат. За микро и малите фирми даночната стапка изнесува 0 отсто“ вели Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.

 

Што точно содржи предлог – буџетот?

Поголеми капитални инвестиции, повеќе пари за пензии и за социјални надоместоци, а помало задолжување. Ова се основните карактеристики на предлог – државната каса со која Владата планира да собере 2.9 милијарди, а да потроши 3.2 милијарда евра. Со тоа дефицитот е позициониран на 308 милиони евра односно 3.2% од Бруто домашниот производ.

На приходната страна најголема ставка се даночните – 2.4 милијарди евра, па неданочните – 241 милион, од нив над 38 милиони како глоби и такси. Државата планира да се задолжи за 706 милиони евра, а да врати стари долгови во износ од 350 милиони евра и да плати камати од 95 милиони.

Кај расходите најголема ставка се социјалните трансфери – над една милијарда евра. Со овие пари ќе се покријат и зголемените пензии и социјална помош за по 5%. За субвенции за земјоделците има 141 милион евра, а за мерките за вработување 10 милиони. За плати и надоместоци треба да отидат 421 милион евра, а за капитални инвестиции 408 милиони или 12.9% повеќе од годинава.

Во патната и железничката инфраструтктура ќе бидат вложени 77 милиони евра, најмногу за Коридорот 10 односно за делницата Демир Капија – Смоквица, но крајната сума е поголема бидејќи во неа не влегуваат автопатите Кичево – Охрид и Скопје – Штип кои се финансираат преку Агенцијата за патишта. За водоводи и канализации ќе одат 50 милиони, а за гасификација 7 милиони евра. Средства ќе има и за изградба и реконстукција на болници – 7 милиони, за новиот клинички центар во Скопје – 10 милиони, за нови основни училишта 2 милиони, за спортски сали 3 милиони и за студентски домови 1.5 милиони евра.

Буџетот е скроен врз основа на проекции за економски раст од 4%, инфлација од 2% и дефицит од 3.2%.

 

Буџетот треба да биде усвоен до крајот на неделава

Буџетот за 2015-та е пред последен филтер. Од вчера до петок ќе се разгледува на пленарна собраниска седница. На предлог – државната каса беа доставени 417 амандмани. Во утврдениот рок од 10 дена, колку што траеше расправата во матичната комисија, беа разгледани 92, а прифатени само 4.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП