2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГермански „Маркард“ почнува со работа

Германски „Маркард“ почнува со работа

nnn

„Маркард“ ја отвора фабриката во индустриската зона Караслари.

Компанијата за производство на автомобилски делови ја комплетираше инвестицијата вредна 35 милиони евра, а од производствените погони во Велес ќе ги снабдува „Ауди“, „Мерцедес“, „БМВ“. Во новиот капацитет ќе се вработат 600 луѓе, но од компанијата веќе порачаа дека како ќе се зголемува обемот на работа, така ќе расте и бројот на вработени.

Првиот контакт со менаџерите на германската компанија и македонските економски промотори бил воспоставен во 2008 година, но добрите услови за водење бизнис и велешката индустриска традиција биле клучни во носењето на финалната одлука за инвестирање.

„Ние се одлучивме да инвестираме во Македонија поради квалификуваната работна сила и стабилната политика на властите во односот кон странските инвеститори. Ние знаеме дека Велес има своја индустриска историја, а тоа ќе ни помогне во регрутирањето на потребните работници“ – велат од компанијата.

Германски Маркард е компанијата со 90 годишна традиција. Групацијата е присутна на 14 локации во 10 држави и вкупно вработува 8000 работници. Вкупниот обрт во минатата година изнесувал 838 милиони евра.

Се проценува дека во фирмите со германски капитал во земјава се вработени повеќе од 13 илјади луѓе. Германските компании се присутни во речиси сите сектори на македонската економија, ги има и во слободните економски зони и во индустриските зони. Во ТИРЗ активно работи „Техникал Текстајлс“, „ОДВ Електрик“ гради во охридско – струшката зона.

Во оваа зона ќе се позиционира и германската компанија „Костал“, која работи во делот на електрониката и електромеханиката. Во фабриката ќе работат 1000 луѓе.

На Германците им одговара бизнис – климата во земјава. Резултатите од последната анкета на македонско – германското стопанско здружение покажа дека 80% од германските компании кои оперираат во земјава повторно би ја одбрале Македонија за својот деловен потфат.

„Радува што нашите членки се задоволни од деловната состојба, од извозот и од бројот на вработени, како и фактот што ќе имаме нови германски инвестиции. Четири од пет компании повторно би инвестирале во Македонија, што значи дека скепсата од минатите години повеќе не е толку силна и дека на Македонија се гледа како на позитивно место за инвестирање“ – рече претседателот на Здружението, Мартин Кнап.

Големиот број на германски компании во Македонија позитивно влијаеше и на трговијата меѓу двете земји. Германија е една од ретките држави со кои Македонија има суфицит во размената. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, во периодот од јануари до август, во оваа земја сме извезле производи во вредност од 1,14 милијарди евра, што претставува раст од 17,8% во однос на истиот период лани. Увозот, пак, достигнал 443 милиони евра.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во секторите во кои се активни компаниите од зоните значително се зголемува бројот на вработени. Од јануари до август годинава кај производството на текстил, сегмент во кој е активен „Џонсон Контролс“ во Штип, бројот на вработени се зголемил за 18,9% во однос на истиот период од минатата година. Кај производството на електричната опрема („Џонсон Мети“, „Текнохозе“, „Кемет Електроникс“) позитивата е 23,7%, кај производството на моторни возила (белгиски „Ван Хул“) растот е над 25%.

 

Се проценува дека бројот на вработени ќе расте

Раздвижување има и надвор од зоните, кај компаниите кои на еден или на друг начин се поврзани со работењето на компаниите од ТИРЗ, како производството на машини и уреди – во овој сегмент, бројот на работници е зголемен за 8,9%. Во делот на поправка и инсталирање машини и опрема, зголемувањето на бројот на вработени изнесува 4,5%.

„Дрекселмаер“ од Кавадарци има вработено 5.358 лица, „Кромберг и Шуберт“ во Битола има вработено 2.091 лице со план за уште илјада, „Џонсон Мети“ и „Ван Хул“ имаат по 600 работници, „Амфенол“ во Кочани 484 работници, а ќе вработи вкупно 1.500, „Џонсон Контролс“ во Штип има 1.600 луѓе, „Кемет Електроникс“ досега вработил 257, а ќе вработи вкупно 500 луѓе, „Гентерм“ во Прилеп вработил 154, а ќе вработи вкупно 2.000 луѓе. „ОДВ Електрик“ во ТИРЗ Охрид/Струга ќе вработи вкупно 1.000 лица, „Маркард“ во Велес ќе отвори 600 работни места, „Техникал Текстајлс“ во Штип 500, „КСС“ во Кичево ќе отвори 1.000 работни места, „Костал“ во Охрид е предвидено да отвори 1.000 работни места. Досега во технолошко – индустриските зони од странските директни инвестиции се отворија 13.441 работни места.

Се зголемува и бројот на македонски фирми кои соработуваат со странските компании, што придонесува за отворање индиректни работни места.

„Странските директни инвестиции вработуваат луѓе и отвораат работни места, но има и индиректен бенефит, бидејќи веќе е евидентна синергијата, односно поврзувањето меѓу странските инвеститори и домашните компании“ – објаснува извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов.

Индустријата во август забележа раст од 12,7% – покажуваат последните податоци на Државниот завод за статистика. Позитивата кај рударството е над 18%, кај преработувачката индустрија 8,4%. Ова се толкува како сигнал дека и покрај политичките турболенции, економијата е на здрави нозе и ќе биде остварен проектираниот раст.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП