26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ договори финансиска помош, контрола на границите и соработка со Турција

ЕУ договори финансиска помош, контрола на границите и соработка со Турција

faitfait

Лидерите на Европската унија(ЕУ) договорија на кризниот самит за миграциската криза најмалку една милијарда евра помош на агенциите на Обединетите нации(ОН) што ги згрижуваат сириските бегалци кои остануваат на Блискиот исток, како и потесна соработка за да се ограничи приливот на мигранти во Европа, објави во четврток рано наутро претседателот на Европскиот совет и претседавачот со состанокот Доналд Туск.

Тој рече дека седумчасовниот самит што заврши во раните утрински часови бил „навистина одличен, многу подобар од она што се очекувало“.

Туск пред новинарите изјави дека слушнал „многу содржински и енергични“ размени на мислења меѓу австриските и унгарските лидери, чија меѓусебна граница е погодена од хаотичниот прилив на мигранти, но не и меѓусебни обвинувања што се закануваа дека ќе ги поделат земјите од Шенген зоната.

Туск и претседателот на Европската комисија(ЕК) Жан Клод Јункер рекоа дека ќе се сретнат со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на 5 октомври во рамки на напорите да се постигне соработка со Анкара на смалување на бројот на мигранти кои доаѓаат во Грција. Во таа држава има околу два милиона сириски бегалци.

Челниците се согласија да ги зајакнат граничните контроли со поддршка на ЕУ на надворешните граници на Унијата.

„Знаеме дека проблемот не е решен со донесените одлуки. Но презедовме еден од многуте неопходни чекори. Имам впечаток дека тоа сакаме да го решиме заедно“, рече германската канцеларка Ангела Меркел.

Во заедничкото соопштение од самитот се наведува: „Со овој предизвик единствено можеме да се справиме работејќи заедно во духот на солидарноста и одговорноста“.

Меѓу краткорочните мерки пред следниот редовен самит кон средината на октомври, ЕУ ќе понуди најмалку милијарда евра на агенциите на ОН за бегалци(УНХЦР_ и за храна, како и на други агенции, како и да го зголеми издвојувањето за сириските бегалци во Турција, Јордан, Либан и други земји за да се намалат мотивите кои ги принудуваат Сиријците на ризичните морски пат до Европа.

„На бегалците треба да им се обезбеди поддршка да останат во близина на местотот на трагедијата“, рече францускиот претседател Франсоа Оланд, повторно повикувајќи ги најбогатите држави да земат бегалци.

На самитот на Грција и Италија им е даден рок до ноември да воспостават собирни центри со помош на ЕУ во кои ќе бидат регистрирани новите бегалци и ќе се земаат отпечатоци од прстите и ќе се започне со постапката за разместување на Сиријците и другите кои би можеле да добијат азил во други држави на ЕУ, како и депортации на оние кои припаѓаат на групите економски мигранти.

Тоа го бараа Германија и Франција, но и Унгарија, Чешка и Словачка, кои се бореа против задолжителните квоти за прифаќање на азиланти, но беа надгласани во вторник на состанокот на министри за внатрешни работи.

Договорот нема многу да помогне врз моменталното ублажување на хаотичната состојба и тензии, на пример меѓу Хрватска и Србија, или да го забави дотокот на бегалци од Турција на грчките острови, констатира Reuters.

„Мерките што денес ги прифативме нема да ја ублажат кризата“, рече Туск, при тоа додавајќи дека доколку не дојде до промени, Шенгенот ќе постои само теоретски.

Италијанскиот премиер Матео Ренци рече дека договорениот пакет за разместување и депортации со помош на ЕУ, како и европското финансирање на пограничните европски сили значи дека партнерите на Рим конечно ги прифатиле барањата што оваа земја ги повторува со години, за товарот со мигрантите што доаѓаат по морски пат, да се распореди порамномерно.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан рече дека неговата земја со изградбата на оградата само ги спроведувала правилата на ЕУ и порача дека Атина, доколку не може да ги штити сопствените граници, би морала да побара помош.

Претседателот на ЕК Жан Клод Јункер рече дека ЕУ ги удвоила средствата за миграција на 9,5 милијарди евра.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП