26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦипрас ги смени бунтовниците, направи реконструкција на владата

Ципрас ги смени бунтовниците, направи реконструкција на владата

cipras-vlada

Грчкиот премиер Алексис Ципрас ги смени во петокот бунтовните министри и нивните заменици кои гласале против реформите со коишто грчките доверители го условуваат третиот пакет меѓународна финансиска помош за земјата.

Реконструкцијата на владиниот кабинет аналитичарите ја гледаат како обид на грчкиот премиер Алексис Ципрас да им покаже на меѓународните доверители дека ја задржува контролата над сé побунтовната владејачка коалиција на радикалната левица Сириза.

Претходно се споменуваше дека Ципрас се подготвува на големи промени во владата, имајќи предвид дека повеќе членови од неа одбиле да го поддржат законот неопходен да започнат преговорите со доверителите за да се склучи целосно договорот за добивање на неопходната помош за земјата на којашто ѝ се заканува банкрот. Како и во некои други парламентарни републики, во Грција министрите може да бидат и да гласаат како пратеници.

На ваков чекор Ципрас беше принуден откако 38 пратеници на Сириза гласаа против реформите или беа воздржани, па мораше да се потпира на гласовите од опозициските партии за реформите да добијат зелено светло во парламентот. Со овој закон Грција ќе добие помош од 86 милијарди евра во следните три години, но ќе мора да ги спроведува дополнителните непопуларни и болни реформи, како зголемување на некои даноци на додадена вредност, на приходи, промени во пензискиот систем, кастрење на јавната потрошувачка, приватизацијата….

Министерот за труд Панос Скурлетис ќе стане министер за енергетика, заменувајќи го Панајотис Лафазанис, еден од тврдите бунтовници од Сириза. Лафазанис ја предводи левата фракција во Сириза и заедно со уште 30 пратеници гласаше против предлог-законот за реформите.

Министер за управни реформи Јорго Катругалос ќе биде, пак, нов министер за труд. Трифон Алексиадис, досега главен член на грчките даночници, стана заменик министер за финансии, наместо Надиа Валавани која претходно седмицава поднесе оставка бидејќи не се согласува со програмата којашто Ципрас има намера да ја спроведе. Поставен е и нови министер за одбрана, Кристофорос Вернадакис, а Олга Геровасили, досегашна пратеничка, стана нова портпаролка на Сириза.

Својата функција ја задржа Евклид Цалакотос, кој на 6-ти јули стана нов министер за финансии наместо во Европа непожелниот Јанис Варуфакис, кој е близок соработник на премиеорт Ципрас.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП