1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрција го отфрли предлогот за петмесечно продолжување на финансирањето

Грција го отфрли предлогот за петмесечно продолжување на финансирањето

grxija-pregovori-doveriteli;;;

Грчката влада дефинитивно го отфрлила во петокот навечер предлогот на нејзините меѓународни доверители на пет месеци да се продолжи сегашната програма за финансиска помош, период во кој Атина би примила 15,5 милијарди евра, пренесуваа агенциите повикувајќи се на грчки извори во Брисел.

Неименувани грчки функционери, исто така, рекле дека доверителите не го прифатиле предлогот на Атина Европскиот стабилизациски механизам (ЕСМ) да го преземе грчкиот долг кон Европската централна Банка (ЕЦБ), пренесува Reuters.

Меѓутоа, и покрај острата реторика од двете страни, во Брисел продолжуваат преговорите за компромисот кој би ја задржал Грција во еврозоната и со којашто би се избегнала политичка криза, економски хаос и пореметувања на финансиските пазари, додава агенцијата.

Грчки извори во Атина велат дека според рамката којашто ја предложиле меѓународните институции (Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд), финансирањето не може да се проведен и дека понудената сума од 15,5 милијарди евра не е доволна, пренесува грчката новинска агенција ANA.

Истакнуваат, исто така, дека идниот договор не би смеел да ја повторни опасната спирала на рецесија. Добро упатени извори во преговорите рекле дека пристапот на меѓународните доверители е „неприфатлив“, истакнувајќи дека Европа е втемелена на принципите на демократијата и солидарноста, пишува уште агенцијата.

Како што претходно во петокот беше објавено, грчките доверители предложиле петмесечно продолжување на сегашната програма за надворешна финансиска помош до крајот на ноември, во комбинација со финансиската инјекција од 15,5 милијарди евра. За возврат, од Грција бараат да прифати и спроведе реформи за постигнување буџетски заштеди, во прв ред во пензискиот и даночниот систем, коишто за владата во Атина предводена од радикалната левица се анатема. Имено, владејачката коалиција Сириза на премиерот Алексис Цирпас, на вонредните парламентарни избори на 25-ти јануари ги победи двете етаблирани политички струи, токму на ветувањата дека ќе направи нов договор за помошта со доверителите и оти нема да има натамошни непопуларни мерки за штедење.

Иако Грција го одби најновиот предлог на доверителите, извори за AFP рекле дека за него треба да се расправа во сабота на состанокот на Еврогрупата (министрите за финансии на земјите членки на еврозоната). Грчкиот министер за финансии, Јанис Варуфакис, истакнал дека не гледа причина во сабота да не биде постигнат договор.

„Предлогот на институциите (како што се нарекува поранешната ‘тројка’ – ЕК, ЕЦБ и ММФ- израз кој е омразен во Грција –з.м.) за грчката влада беше да ги легализира изразено рецесиските мерки, како услов за петмесечното финансирање. Владата нема мандат од народот, ниту морално право да ја потпише новата програма за помош“, истакнал грчки извор, а во меѓувреме премиерот Ципрас од Брисел отпатувал за Атина.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас на маргините од европскиот самит во Брисел во петокот рано претпладнето се сретна истовремено со германската канцеларка Ангела Меркел и со францускиот претседател Франсоа Оланд, кои се обиделе да го убедат да ја прифати понудата.

Напуштајќи го самитот, Ципрас на изјавата на Меркел дека станува збор за „великодушна“ понуда, изјави за новинарите дека Грција се бори за „европските принципи на демократија, солидарноста, еднаквост и заемно почитување“. „Тие принципи не се втемелени на уцени и ултиматуми“, рече грчкиот премиер во оцената на предлогот на доверителите, но истовремено не ја исклучи можноста да биде прифатена понудата. Грција до 30-ти јуни мора да исплати 1,6 милијарди евра долг по рати кон ММФ, пари кои без одобрување на траншата од надворешната помош ги нема.

Ципрас за петокот навечер свика итна седница на владата на која тема ќе бидат разговорите со доверителите, соопштија грчки владини извори.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП