1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМеркел: Грција доби великодушна понуда, за Цирпас тоа е уцена

Меркел: Грција доби великодушна понуда, за Цирпас тоа е уцена

mer-cip-merkel-cipras

Германската канцеларка Ангела Меркел ја повика во петокот владата на Грција да ја прифати „великодушната“ понуда на доверителите, додека грчкиот премиер Алексис Ципрас изјави дека ги одбива „ултиматумите и уцените“.

По завршувањето на европскиот самит во Брисел, германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека во петокот рано претпладнето, заедно до францускиот претседател Франсоа Оланд, разговарала со грчкиот премиер Алексис Ципрас и дека двајцата му советувале да ја прифати „извонредно великодушната понуда“ на грчките доверители.

Доверителите (Европската комисија, Европската центрана банка и Меѓународниот монетарен фонд) во својата последна понуда предложиле продолжување на програмата за меѓународна финансиска помош за Грција до почетокот на декември 2015 година, и Атина во тој период би можела да добие до 15,5 милијарди евра. Од оваа сума, 12 милијарди би обезбедиле ЕК и ЕЦБ, а 3,5 милијарди евра ММФ.

За возврат Грција би требало да се обврзе дека ќе спроведе низа реформи, коишто вклучуваат кастрење на буџетските расходи. Проблемот е во тоа што тие предлози се во спротивност со она што владејачката коалиција на радикалната левица Сириза на Ципрас им го вети на своите гласачи на предвремените парламентарни избори кон крајот на јануари годинава.

Истовремено грчкиот премиер Алексис Ципрас изјави дека „ја отфрла Европската унија којашто би функционирала според принципот на ултиматуми и уцени“. Додаде дека „уште е долг патот“ до договорот.

Во сабота попладне повторно ќе се состанат министрите за финансии на земјите од еврозоната, за уште еднаш да се обидат да дојдат до договор со Грција. Почетокот на средбата првично беше закажан за 17 часот, а малку подоцна беше одложен за 14 часот. Канцеларката Меркел изјави дека овој состанок е „решавачки“.

На Грција ѝ преостанува уште многу малку време, имајќи предвид дека во некои земји и доколку во сабота биде постигнат договорот, потоа би требало за тоа да дискутираат националните парламенти. А веќе на 30-ти јуни Атина треба да ги исплати сите четири месечни рати од долгот кон ММФ во вкупен износ од 1,6 милијарди евра, што нема да е можно без договор со доверителите. Потоа во јули и август треба да плати вкупно 6,7 милијарди евра обврски кон ЕЦБ.

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер изјави дека понудата на институциите не се заснова на принципот „земи или остави“. „Европската унија не функционира така, не станува збор за пристапот ‘пливај или потони’“, рече Јункер. Одаде дека, сепак, е оптимист во врска со исходот од преговорите со Грција, но не и дека „преоптимистичен“.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, пак, рече дека сега во Европската унија се „фокусирани на тоа како да ѝ се помогне на Грција во овој тежок момент“, како и дека нема ултиматуми, туку станува збор за временски теснец, имајќи предвид дека веќе во вторник истекува сегашната програма за надворешна финансиска помош на Грција и за наплата пристигнуваат 1,6 милијарди евра. „Не е политичка уцена која постојано го повторуваме фактот дека се приближува рокот. Во секој случај ќе биде критично, доколку не дојде до договор“, рече Туск.

Засега во Брисел не се споменува можноста од свикување вонреден самит на еврозоната, иако има слухови дека тој може да се случи доколку на состанокот на Еврогрупата (министрите за финансии на земјите членки на еврозоната) не биде постигнат договор. Во тој случај, на вонредниот самит не би се дискутирале за помош на Грција, туку за тоа како без неа, истакнуваат агенциите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП