26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДомбовскис: Грција нема да добие пари ако не ги договори реформите

Домбовскис: Грција нема да добие пари ако не ги договори реформите

vladis dombrovskis

И покрај сé полошата ликвидност, Грција тешко може да се надева дека ќе добие пари од министрите за финансии од земјите од еврозоната на состанокот закажан за 24-ти април, бидејќи ги одолговлекува реформите, изјави претседателот на Европската комисија, Валдис Домбровскис.

Грција забрзано се движи кон моментот кога ќе ѝ недостигаат пари и во наредните неколку седмици би можела да се најде пред изборот или да ги исплати платите и пензиите или заемите кон Меѓународниот монетарен фонд. Атина може да добие уште кредити од ММФ и од владите на земјите од еврозоната, но прво мора да ги спроведе реформите, усогласени со доверителите, за да ги направи своите финансии одржливи, а својата економија конкурентна.

Владата на радикалната левица предводена од премиерот Алексис Ципрас не сака да спроведе многу од тие мерки, како што се на пример пензиските реформи, бидејќи на предвремените парламентарни избори од 25-ти јануари победи токму со ветувањето дека ќе ги прекине непопуларните мерки за ригорозно штедење, како и дека ќе договори нови услови со меѓународните кредитори на огромниот грчки долг. Оттаму, разговорите за реформите се во застој.

„За жал, засега напредокот во техничките разговори е ограничен“, рече во интервјуто за Reuters челникот на Европската комисија, Валдис Домбровскис кој во Вашингтон присуствува на пролетното заседание на ММФ и Светската банка.

„Навистина е време да се забрзаат преговорите. Тоа, во прв ред, бара од владата на Грција да се обврзе дека ќе остане на условите од програмата и ќе ги спроведе неопходните структурни реформи“, додава поранешниот латвиски премиер.

Додава дека во недостиг од сеопфатен список на грчките реформи, на министерскиот состанок на еврозоната на 24-ти април во Рига, веројатно, само ќе биде оценета состојбата и ќе им бидат дадени некои упатства на преговарачите, но нема да може да се одлучува за какви и да се исплати.

„Грција мора да покаже доволен напредок во врска со своите структурни реформи за да ги добие средствата. Тоа не може да се заобиколи. Последен е момент да почне поинтензивно да работи. Не е веројатно дека ќе можеме да заклучиме на 24-ти април оти постои доволен напредок. Мора да се заклучи прегледот за да се извршат исплатите“, вели Домбровскис, зборувајќи за спроведувањето на реформите договорени според сегашната програма за помош во износ од 240 милијарди евра.

Меѓутоа, грчкиот премиер Ципрас не сака да ги спроведе економските мерки коишто ги договори претходната влада, уверувајќи дека политиките на владите во изминатите пет години применети на барање на грчките кредитори не довеле до посакуваните ефекти.

Добровскис вели дека министрите за финансии од еврозоната се подготвени да ги прифатат реформите кои новата грчка влада би можела да ги предложи, сé додека тие имаат ефект врз стабилизирањето на грчките јавни финансии.

Грција сé уште може да го добие 7,2 милијарди евра оваа година од актуелниот договор за надворешната финансиска помош, што во многу би ѝ го олеснило проблемот со недостигот од пари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП