26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКратки вести од светот

Кратки вести од светот

najnovi-vesti1

Белград – Со пленарен состанок во Народната банка на Србија (НБС) почнаа разговори на делегацијата на Република Србија и мисијата на ММФ. Во текот на посетата на мисијата на ММФ ќе бидат разгледани најновите макроекономски движења, програма за реформи, како и активност на подготовка на буџетот за 2014 година и долгорочна фискална стратегија. Ќе се разговара и за извршување на буџетот за оваа година, монетарната политика, движењата на јавниот долг, структурните реформи и реформите во пензискиот систем и пазарот на трудот.

Бања Лука – Во БиХ поради недостиг на пари при купување на дрва за огрев се нудат дури и семејни автомобили, пишуваат бањалучките Независне новине. Многу босанско-херцеговски домаќинства сеуште не се снабдиле со дрва за огрев, за кои владее вистинска побарувачка. Бидејќи температурите се се пониски, а празнината во паричниците се поголема, тие кои немаат пари, освен автомобилите, нудат и скутери, косилици, компјутери, телевизори… Според тврдењата на статистичарите, со  оглед на просечната плата во БиХ тешка 830 марки, околу 415 евра, не е чудно што купувањето на огревни дрва падна на нова размена на стока, бидејќи на поголемите домаќинства за затоплување се потребни 15 кубни метри цепено дрво и кое чини околу 1.050 марки.

Љубљана – Компанијата Триглав за преземање на Кроација осигурување е подготвена да издвои околу 120 милиони евра, пишува словенечкиот весник Финанс. Дел од капиталот ќе се собере од сопствени извори, а дел од финансиски фондови, како што се ИФЦ и ЕБРД. Рокот за предавање на понудите хрватската влада го продолжи до крајот на оваа недела, а од порано се шпекулира дека меѓу кандидатите покрај Триглав, се уште и ПЗУ, Адрис група, ВИГ, Ерго и АИГ.

Лондон – Шведската Икеа во следните десет месеци ќе продава соларни панели во своите стоковни куќи во Велика Британија, пишува Гардијан. Икеа се одлучи на овој чекор во обид да го искористи растот на пазарот на зелена енергија, кој на големо се субвенционира. Најголемиот светски продавач на мебел планира во следните 10 месеци, во сите 17 стоковни куќи во Велика Британија, во понуда да има и соларни панели.

Париз – Во Јужна Кореја, Мексико и Чиле најмногу се работи, а во Франција најмалку, покажа студијата на американскиот економски сајт Бизнис инсајдер. Листата на земјите во кои најмалку се работи е направена врз основ на статистички податоци на Европската организација за економска соработка и развој, кои вклучуваат години на старост за одење во пензија и должината на работното време. Французите на таа листа најмалку работат меѓу луѓето во развиените земји, пред Германија, Луксембург и Белгија. Американците се на средина на листата.

Вашингтон – Веќе петта година по ред, централните банки на водечките сили впумпуваат ефтини пари на финансискиот пазар. Во меѓувреме многумина сметаат дека дојде време таквата политика да прекине. Такво нешто економските експерти не памтат: дисконтните стапки во САД и Јапонија веќе со години се наоѓаат на нешто над нулата. Веќе со месеци централните банки на тие земји издаваат државни обврзници вредни милијарди. Европската централна банка ЕЦБ е нешто повоздржана, но и таа дисконтната стапка ја држи на историско ниско ниво од 0,5 отсто. Вкупниот биланс на централните банки на водечките светски индустриски сили од околу 3 билиони долари во почетокот на 2007 година, денес е зголемен на речиси 10 билиони.

Париз – Побарувачката на бакар во светот порасна за 31 отсто од 2003 до 2012 година, пред се поради големиот раст на потрошувачката во Кина, се наведува во студијата на ИЦСГ. Во изминатите десет години, годишното производство на преработен бакар е зголемено за 15,3 милиони тони, колку што изнесуваше во 2003, на 20,1 милион тони во 2012 година, наведе Меѓународната група за проучување на бакарот ИЦСГ. Растот на побарувачката на бакар, како што се наведува, е поттикнат од се поголемата потрошувачка во Кина, која во последната деценија скокна за 186 отсто. Учеството на Кина во светската потрошувачка на бакар е зголемено од 20 проценти на 43 отсто.

Рим – Банкарската групација Интеза Санпаоло објави дека Енрико Томасо Кукијани се повлекол од местото генерален и извршен директор. Како што се наведува во соопштението, на предлог на Надзорниот одбор, Управниот одбор едногласно го именува Карла Месина за нов генерален и извршен директор на таа банкарска групација, во чии рамки работи Банката Интеза Србија. Се истакнува дека Интеза Санпаоло многу ги цени успесите на Кукијани, неговите професионални успеси и меѓународниот углед кој го стави на располагање на таа група. Месина додаде дека би сакала во Кукијани во иднина да има соработник во Групата Интеза Санпаоло.

Рим – Ватиканската банка се одлучи да затвори околу 900 сметки вклучувајќи ги и сметките на тројца амбасадори од Иран, Индонезија и Ирак, пишува италијанскиот весник Кориере дела сера. Според весникот, Институтот за верски работи ИОР, познат како Ватиканска банка испратил писма на 900 адреси на свои клиенти од кои бара да ги затворат сметките поради сомневање во перење на пари, дури и финансирање на тероризам. – Тие клиенти не можеа да поминат низ контролата воспоставена во мај, а која ја спроведе консултантската фирма Промонти, светски лидер во борбата против перење на пари, пишува Кориере. Во изјава за агенцијата Франс прес, еден портпарол на Ватиканската банка не го потврди и не го демантира пишувањето на Кориере дела сера, но потенцира дека затворањето на сметките не мора да биде поврзано исклучиво со сомнежи во криминални активности.

Женева – Еден од најголемите светски прехранбени гиганти Нестле, размислува за продажба на своите нерентабилни брендови. Таа компанија има намера да го унапреди своето работење со откажување од фирмите кои подолго време остваруваат слаби деловни резултати. Генералниот директор на швајцарската компанија Пол Булке ги обавести инвеститорите дека Нестле составува листа на фирми чие работење може да се подобри и листа на фирми кај кои тоа не е случај. – Ќе продадеме некои брендови. Сакаме да работиме, а не да вегетираме – рече Булке.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП