26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОН: Брзата храна ја поткопува економијата

ОН: Брзата храна ја поткопува економијата

hamburger1

Организацијата на Обединетите нации за храна и земјоделство (ФАО) наведе дека дебелината и неквалитетната исхрана значително се одразува на глобалната економија.

Оваа организација ги повикува владите да инвестираат во здравата исхрана, бидејќи таа ќе донесе големи економски и социјални бенефиции.

Намалената продуктивност и растот на трошоците за здравствена заштита поврзани со неквалитетниот начин на исхрана може да намалат и до пет проценти од светскиот бруто домашен производ (БДП), односно 3,5 билиони долари годишно, наведува ФАО, пренесува агенцијата Франс Прес.

Организацијата во својот годишен извештај наведува дека 12,5 проценти од светската популација, не ја задоволува потребата на организмот за енегрија преку исхраната, додека 26 проценти од децата во светот не се хранат доволно добро. Околу две милијарди луѓе страдаат од нутритивни недостатоци, а 1,4 милијарди имаат прекумерна тежина, меѓу кои 500 милиони се екстремно дебели, нагласува ФАО.

Урбанизацијата, животниот стил кој подразбира премногу време поминато во седечка позиција и се поголемата достапност на брзата храна, претставуваат значителен предизвик во борбата против прекумерната телесна тежина, но придобивките од тоа би биле повеќестрани, смета организацијата.

„Инвестирањето во намалување на нутритивните недостатоци ќе резултира со подобро здравје, намалена смртност кај децата и поголеми приходи во иднина“, наведува ФАО.

Ескпертите истакнуваат дека нутритивните недостатоци, како што е недостигот на витамини, железо и јод, се многу чести во земјите во развој. Се верува дека светскиот БДП годишно губи околу 2 до 3 проценти, односно 1,4 до 2,1 билиони долари поради слабиот квалитет на исхрана, додека, иако не постојат прецизни податоци за трошоците на економијата за дебелината, трошоците за болестите кои се предизвикани од дебелина би можеле да изнесуваат околу 1,4 билиони долари.

ФАО ги повикува сите светски лидери да инвестираат во здравата храна и да го промовираат производството на овошје, зеленчук и мешункасти производи, како и производи од животинско потекло.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП