26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКако да се протурка месецот? Цените растат побргу од платите!

Како да се протурка месецот? Цените растат побргу од платите!

Просечната плата пораснала за 1.7% за една година, а во истиот период цените на мало се зголемиле за 2.3%. Македонската трпеза и натаму најмногу се полни со леб и компир, а најмалку со месо и риба.

Просечната плата 23.850 денари

Просечната плата пораснала за 1.7% за една година. Во декември достигнала 23.850 денари.

Според најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) во овој период најмногу пораснале примањата на вработените во секторите: други услужни дејности (9.8%), преработувачка индустрија (9.3%) и објекти за сместување и сервисни дејности со храна (8.9%).

Истовремено намалување на просечната плата има кај уметност забава и рекреација (-29.9%), градежништвото (-3.5%), информации и комуникации (-3.0%), стручни и научни дејности (-2.4%).

Во декември 1.2% од сите вработени не зеле плата.

Највисоки плати имаат програмерите, правниците и сметководителите, како и вработените во воздухопловството. Најниски се кај рибарите, како и работниците во кожарската и текстилната индустрија.

Синдикалната кошница 32.470 денари

Една просечна плата не е доволна да се прехрани едно просечно семејство. Потрошувачката кошница која ја пресметува Сојузот на синдикати (ССМ) во ноември, за кога има последни податоци, тежела 32.470. Една стандардна плата може да покрие 73% од потребите на едно четиричлено семејство.

Според ССМ, најголем удел во кошницата имаат храната и пијалаците (41.38%), потоа трошоците за домување (32.31%), за хигиена (7.02%), за превоз (7.21%), за облека и обувки (6.70%), за култура (3.30%), за здравје (2.09%).

Потрошувачката кошница за една година „натежнала“ за 312 денари.

Трошоците на живот зголемени за 1.1%

Државната статистика пресметала дека трошоците на живот во јануари годинава споредено со истиот месец лани се зголемени за 1.1%, а цените на мало за 2.3%.

Во овој период храната поскапела за 0.6%, транспортот за 5.3% , алкохолот и цигарите за 6.9% , комуналиите за 0.1%.

Поевтинување е измерено кај облеката за 1.3% и мебелот за 0.1%.

Трпезата со многу леб и компир, со малку месо и риба

Сето ова се одразува и на македонската трпеза, таа содржи многу леб и компир, а малку месо и риба.

Македонецот во просек секој ден јаде по околу 200 грама леб, 95 житарки, 20 грама тестенини, 20 грама ориз. Од зеленчукот најмногу се консумира компир, по околу 80 грама, грав 15, кромид и лук околу 30, исто толку и зелка. Домати во просек се јадат по 40 грама на ден, а пиперки по околу 60. Од овошјето најмногу се троши јужното, по околу 40 грама, потоа лубеници и дињи 30 грама, по исто толку јаболка и грозје 29 грама, кајсии и праски едвај надминуваат 10  грама просечна дневна потрошувачка по човек.

Од месото најконсумирано е пилешкото и мисиркиното, по 30-на грама просечна дневна потрошувачка, потоа јунешко и телешко по околу 20 грама, речиси исто толку и свинско, а двојно помалку риба. Месни преработки односно салами, паштети и колбаси се јадат во просек по речиси 30 грама на ден.

Од млечните производи просечната потрошувачка е по 100 милилитри млеко, 60 грама кисело млеко и јогурт и двојно помалку сирење.

Во просек Македонецот јаде и по 1 јајце секој втор ден.

Статистичарите пресметале дека се консумираат и по речиси 40 грама  шеќер, околу 8 грама кафе и какао и нешто под 20 грама чоколади и кекси.

Потрошувачката на алкохол на годишно ниво е 1.7 литри вино, 10 литри пиво и 0.7 литри жестоки пијалаци за секој Македонец.

Според ДЗС Македонецот во просек во 2016-та пушел по 2.25 цигари на ден, во 2015-та 2.33, во 2014-та по 1.96, а во 2013-та по 1.78 цигари на ден.

Податоците се од најновата публикација на Државниот завод за статистика (ДЗС) „Потрошувачката за домаќинствата во 2016-та“. Онаа за 2017-та се уште не е изработена.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП