27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКако до помали сметки за греење? Едноставни совети кои секој може да...

Како до помали сметки за греење? Едноставни совети кои секој може да ги примени!

Загубите во топлина во домот пред се зависат од: изолацијата на објектот, квалитетот на вратите и прозорците, процентот на застакленост, ориентацијата и местоположбата.

Може да се заштеди и без дополнителни инвестиции и без драстично намалување на квалитетот на животот. Еден степен постудено, 5% помала сметка. Со поставување на термостат на системот кој во просторијата ќе одржува 20 наместо стандардните 23 степени заштедите се значителни. Ова е проста математика за заштеда при греењето. Навечер доволно е температурата да биде меѓу 15 и 17 Целзиусови степени со што би се генерирала дополнителна заштеда, а наутро за кратко време системот за греење би ги постигнал потребните 20 степени.

Најлесен начин за штедење – загревајте само една соба. Ова, за жал го практикуваат најголем дел од Македонците. Во просек се топли само 45% од површината на домот, а останатите 55% остануваат студени, покажуваат анализите на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Според овие податоци 61.59% од домаќинствата користат огревно дрво, 28.60% електрична енергија, 8.33% се приклучени на централно парно, а останатите 1.48% употребуваат нафта, јаглен или гас.

Оние кои користат струја, најчесто имаат енергетски неефикасни грејни тела – една третина обични греалки, една третина термо печки, 15% панелки и 15% клима уреди. Само еден од пет климатизери е со инвертор.

За вистинска заштеда потребни се инвестиции во самата куќа или стан – подобра изолација значи помала сметка.

„Сметката во крајна линија најмногу зависи од топлотната изолација. Оние што имаат солидно изградени објекти во секој случај штедат, во вакви временски услови дури и нема потреба од вклучување на системите за греење преку ден, само рано наутро и доцна навечер. Ставање на топлинска изолација и прозорци е мерка која бара најголемо вложување, но е и најисплатлива. Не се исплатува за една или две години, потребни се седум или осум, во зависност од тоа каков бил објектот“ вели професорот Ристо Цицонков кој е експерт за енергетика и за системи за греење и ладење.

Сепак, изолацијата како најефикасен начин за заштеда на енергија е застапена во само 18% од домовите – најдобро стои скопскиот регион со 29%, а најлошо пелагонискиот со нешто под 7%.

68% од куќите и становите имаат дрвени прозорци, 29% ПВЦ, а нешто над 3% алуминиумски.

Дополнителните совети кои лесно можат да се применат и не чинат многу, а кои експертите за енергетска ефикасност ги даваат се:

  • ако се користат радијатори да се постави алуминиумска фолија меѓу нив и ѕидот за да се рефлектира топлината,
  • проветрувањето да се прави само преку ден кога е најтопло, навечер собите да бидат затворени, како и вратите од ходниците, плакарите и помошните простории кои не се греат,
  • котлите на нафта гас и дрва редовно да се чистат – најмалку еднаш годишно,
  • електричните греалки да се вклучуваат директно во штекер, а не на продолжен кабел,
  • пополнете го просторот меѓу ѕидот и прозорецот со силикон. Така ќе престанете топлиот воздух да излегува надвор,
  • ако е сончево, потргнете ги завесите. Сонцето ќе ви обезбеди многу природна топлина во студените денови. Вратете ги завесите кога ќе се скрие сонцето,
  • поставете теписи, по можност со подолги реси, врз дрвените подови и плочките. Тие ќе ја стопираат апсорпција на топлината од подот,
  • оставајте ја вратата отворена додека се туширате. Така ќе можете да ги искористат предностите на топлиот воздух кој доаѓа од топлата вода, и во други делови од домот, не само во бањата,
  • кога ќе завршите со печењето, оставете ја вратата на рерната отворена за топлиот воздух да се разнесе низ целата кујна.

 

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП