26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАУСАИД поддржа формирање на кластери со цел создавање посилни и поконкурентни компании...

УСАИД поддржа формирање на кластери со цел создавање посилни и поконкурентни компании на светскиот пазар

Американската агенција за меѓународен развој – УСАИД, одбележува 25 години од својата работа во Македонија. Во рамките на изминатиот четвртина век, УСАИД во партнерство со македонските граѓани, институции, приватниот сектор, здруженија и организации, посвети значително внимание и обезбеди поддршка за да го подобри квалитетот на живот во нашата земја низ различни проекти, допирајќи до речиси сите сегменти од општественото живеење.

Со цел да им помогне на македонските компании да станат поконкурентни на домашниот, но и на регионалните и глобалните пазари, УСАИД од 2002 до 2006 година, го имплементираше проектот за конкурентност.

Основната цел на Проектот за унапредување на конкурентноста беше воведувањето и формирањето на кластери во индустриите. Кластерите како економски модел се препознаени како еден од двигателите на конкурентноста бидејќи тие ги обединуваат сите активни чинители во синџирите на добавувачите од основните производители до крајниот пласман на производите, но исто така и претставниците на владините институции, синдикатите, академската заедница и соодветни невладини организации кои придонесуваат кон подобрувањето на условите и за зголемување на конкурентноста на самите производи, компаниите, но и на државата во целост. Според светските искуства, кластерите водат до унапредување на регионалниот економски развој и развојот на одделни сектори, базирајќи се на соработка, размена на знаења, градење на заеднички стратегии за развој, промоција на извозот и сл.

Оттука, во 2002 година, беше поддржано формирањето на пет кластери: кластер за овчо сирење и јагнешко месо; кластер за туризам; кластер за вино; кластер за ИТ–технологии и кластер за текстил со кои се поставија основите за понатамошно зајакнување на конкурентноста на компаниите кои се дел од овие кластери.

Кластерот за јагнешко месо и сирење беше првиот кластер што доби поддршка од страна на проектот на УСАИД за конкурентност на Македонија. Целта на кластерот за сирење и јагнешко месо беше да ја зајакне позицијата на Македонија како производител на свежо јагнешко месо и овчо сирење на светскиот пазар преку унапредување на производите, спроведување на стандарди за квалитет и примена на стекнатите техники за маркетинг и продажба. Кон крајот на 2003 година, македонските млекарници го направија својот прв извоз, со испраќање на пробна пратка со македонско сирење во САД. Така, од минимални приходи од извоз на млечни производи во 2003 година, во 2006 година извозот на сирење на странските пазари изнесуваше 1.1 мил. американски долари. Поддршката на УСАИД преку Проектот за конкурентност им помогна на членките на кластерот да се поврзат со потенцијални купувачи преку учество на светски саеми, како главен предуслов за пласман на нивните производи и на меѓународните пазари. Исто така, УСАИД им помогна на одгледувачите на овци да ја подобрат својата заработувачка преку директна продажба на јагнешко месо на грчкиот пазар и на други купувачи. Благодарение на иницијалната поддршка на УСАИД се воспоставија две кооперативи на одгледувачи на овци, една во западна, друга во источна Македонија, а за нивна поддршка беа ангажирани и менаџери, кои заедно со претставниците на кооперативите и одгледувачите на овци, одржуваа обуки за да се унапреди нивната соработка и да се изградат заеднички капацитети.

Кластерот за туризам во 2003 година, со поддршка на УСАИД, спроведе истражување на пазарот врз основа на кое изработи стратегија за привлекување “здрави, богати, искусни” туристи, заинтересирани за природен-авантуристички или културно-историски туризам. Во 2004 г., 15 туроператори од САД, Велика Британија, континенталниот дел од Европа и Турција беа поканети во Македонија за да се запознаат со убавините на земјата и најдоброто што таа може да го понуди за нивните граѓани, со најголем акцент на природните убавини и авантуристичките доживувања. Како резултат на овие посети, непосредно потоа, Македонија беше вклучена во туристичката понуда на 9 од овие туроператори. УСАИД заедно со кластерот за туризам активно учествуваше во развојот и создавањето на турите: оценување на хотелите, подготвување на незаборавни доживувања, туристички атракции, музеи, џамии, цркви, стари пазари, археолошки локалитети, итн. Соработката на кластерот со холандската стопанска комора, пак, ги вратија холандските туристи во Македонија, како и чартер летовите од Холандија за Охрид. Како резултат на тоа, бројот на холандски туристи до крајот на 2005 година се зголеми за 400%, достигнувајќи 20,000 холандски туристи. Во 2005 г., членовите на кластерот за туризам и УСАИД учествуваа во создавањето на денес добро познатиот портал за туризам – www.exploringmacedonia.com

Кластер за вино

Производството на македонско квалитетно вино датира уште од древните времиња, а денес е препознаено и признаено и во светски рамки. Но, малку е познат податокот дека до 2003 г. во Македонија се произведуваа поевтини наливни вина, кои главно се извезуваа на пазарот во Германија. Преку поддршката на УСАИД која се однесуваше на подобрување на квалитетот и маркетингот со цел да се зголеми продажбата на високо квалитетни вина наменети за Европскиот пазар, македонските винарски визби инвестираа 9 милиони американски долари во нови погони и опрема, како и за ангажирање на искусни енолози. Проектот на УСАИД имаше за цел да ја зајакне соработката меѓу лозарите и винариите во насока на подобрување на квалитетот на грозјето. УСАИД, исто така користеше американски експерти за лозарство, енологија, маркетинг и промоција кои им помагаа на сопствениците на винариите да ги исполнат условите за пласман и продажба на македонското квлитетно вино во шишиња.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП