26 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАВо Кинотека филмскиот циклус посветен на современиот шпански филм

Во Кинотека филмскиот циклус посветен на современиот шпански филм

Во Кинотеката на Македонија во соработка со Амбасадата на Кралството Шпанија од 20 до 26 ноември ќе се одржи филмскиот циклус посветен на современиот шпански филм.

Шпанската кинематографија е светски реномирана и високо ценета од филмските критичари. Се работи за филмови кои ретко можат да се видат по комерцијалните киносали во Македонија.

„Претставувањето на шпанската кинематографија секогаш е сериозна одговорност и задоволство. Шпанската кинематографија умее да насмее, да шокира, да интригира, да разубави нечиј живот, да растажи и да ве расплаче, да исплаши, да ве држи во напнатост или во меланхолија, да ве зачуди, има се`. И можеби најинтересното и најкарактеристично за шпанската кинематографија е што сето тоа може да го има и во само едно филмско дело. Педро Алмодовар тоа го објаснува попластично велејќи дека работи во повеќе жанрови бидејќи за него комедијата е измешана со трагедијата и дека тоа е една од шпанските карактеристики, односно дека начинот на кој трагедијата и комедијата се нераскинливи една од друга е многу шпански. Подеднакво како што се неодвоиви Дон Кихот и Санчо Панса“, рече Владимир Ангелов, в. д. директор на Кинотеката на Македонија.

Ќе бидат прикажани 7 филма со превод на македонски и на англиски јазик. Филмската ревија во понеделник ќе биде отворена со филмот „Среќни 140“ во режија на Грасија Керехета, во вторник ќе биде прикажан „Лудата Хуана“ на режисерот Висенте Аранда, потоа следуваат и филмовите: „Труман“ на Сес Гај, „Мојата голема ноќ“ на Алекс де ла Иглесија, „Братучеди“ на Даниел Санчес Аревало, „Од твојот прозорец до мојот“ на Паула Ортис. Фестивалот ќе го затвори филмот „15 години и еден ден“ на Грасија Керехета. Филмовите се во селекција на Амбасада на Кралството Шпанија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП