4 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИНа кого му одговара штрајк во кавадаречко Фени?

На кого му одговара штрајк во кавадаречко Фени?

Вчера во Кавадарци беше најавен штрајк на вработените на „ФЕНИ“ пред филијалите на Стопанска, Комерцијална и Силк Роуд Банка, кои се најголеми кредитори на компанија и кои имаат побарување во износ од 40 милиони евра, а нешто повеќе од 20 милиони им се должи на други помали доверители.

Од 850 вработени, во штрајкот учествуваа помалку од стотина лица, затоа што всушност мнозинството вработени не го подржуваат штрајкот и вината не ја бараат во банките туку кај раководството предводено од директорот Јусуф Миракхмедов против кого финансиска полиција покрена кривична постапка за незаконско работење и организиран криминал при што проневерил околу 30 милиони евра, како и сомневање за проневера на дополнителни 50 милиони евра, за што допрва ќе се истражува.

Директорот Миракхмедов веќе ја напуштил државата на 29 октомври годинава, како што информираше Директорот на Управата за Финансиска Полиција Арафат Муареми.

Вработените тврдат дека синдикалната организација е продолжена рака на раководството кое пак очајнички се обидува да ја прикрие својата инволвираност во криминалните активности, за што и првиот човек на финансиска полиција Муареми, не ја исклучува можноста за нови кривични пријави против раководните лица, и информираат дека врз нив како вработени се врши огромен притисок со закани и уцени за што поголема масовност на штрајкот.

„Одлуката за протест Синдикатот не ја донел заедно со вработените туку најверојатно само во комуникација со раководство на фабриката кое отворено се залага за бугарската компанија ‘Енекод’. Нас никој не не праша дали сме согласни  на протест. Претседателот на синдикатот Ѓоре Палитов дејствува како продолжена рака на раководството против кое се веќе поднесени кривични пријави. Дознавме дека додека на многиумина им  ги кратат одплатите, него му го зголемиле коефициентот за плата и му ветиле дека ако јаистурка работата ‘Енекод’ да јакупи фабриката, ќе му вработат член на семејството. Сите наши барања  за протест досега тој ги игнорираше, а сега сам носи одлука за протест“, велат вработените укажувајќи дека имаат колеги коишто биле избркани  од работа кога гласно ќе побарале да се организира штрајк (Макфакс).

Всушност вработените веќе подолг период алармираа дека состојбите во „ФЕНИ“ се лоши, дека се случуваат бројни нелегални дејствија, дека се изнесува опрема и добра, дека фирмата „Нова Логистика“ која била ќерка на „ФЕНИ“ се приватизирала со цел нелегален одлив на пари, а во корист на раководство на „ФЕНИ“, што беше потврдено и од страна на финансиската полиција и за која заедно со бугарски „Енекод“ и фирмата „Ролис“ веќе се отворени предмети во Јавното Обвинителство за гонење на организиран криминал. Дека финансиска полиција и УЈП работи на терен за расчистување на незаконските дејствија во „ФЕНИ“ претходно потврди и вице премиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, кој рече дека ќе се бара одговорност за било какви дејствија надвор од законските рамки, а потврди и дека само еден дел е тоа што компанијата нема поднесено годишен извештај, што всушност е спротивно од законот.

Тие тврдат дека токму ова се причините заради кои сега раководството на фабриката буквално ги малтретира на нивните работни места и ги тера на штрајк, се со цел и надеж дека во една таква хаотична состојба и притисок врз јавноста и институциите со штрајк, ќе можат да ги сокријат доказите за нивната вмешаност во криминалните активности кои ја доведоа фабриката до стечај.

Во прилог на сите овие информации е и фактот што од пред недела дена изгаснат е и официјалниот сајт на групацијата Кунико Ресурсис (www.cunicoresources.com) во чија сопственост е кавадаречки „ФЕНИ“.
Но и покрај ваквите обиди за притисок, цврсти на својот став остануваат не само вработените туку и банките доверители. Тие веќе во неколку наврати излегоа и со изјави и со соопштенија во кои објаснуваат дека не станува збор за класичен стечај и затварање на фабриката, туку напротив за изнаоѓање сигурен инвеститор кој ќе ја реорганизира фабриката и ќе продолжи да работи, зашто впрочем тие имаат заеднички интереси со вработените, банките да ги наплатат милионските долгови, но и да добијат стабилен клиент, а вработените да ја осигураат својата иднина, што е можно само доколку има силен инвеститор кој има и финансиски, но и други материјални ресурси да обезбеди долгорочно опстојување на фабриката. Во своето соопштение, тие исто така потенцираа дека во моментов тие ги покриваат трошоците за одржување на фабриката во топла состојба и дека штрајкови апсолутно не одат во прилог на фабриката, зашто секакви обиди за острукција на процесот, имајќи предвид дека веќе има заинтересирани инвеститори, би можело да резултира во огромни штети за што одговорност ќе понесе единствено синдикалната организација.

Во моментот кога банките поднесоа барање за стечај, со свои ставови излегоа и премиерот Зоран Заев и вице премиерот Кочо Анѓушев, кои потврдија дека има светла иднина за „ФЕНИ“ и дека имаат полна доверба во банките дека ќе се најде најдоброто решение и најдобриот инвеститор за фабриката да продолжи стабилно да работи. Вице премиерот Анѓушев уште изјави дека иако Владата неможе директно да се инволвира во процесот, ќе има улога на олеснувач со цел да се заштитат интересите на вработените и дека очекува целиот процес да се заврши за месец и половина до два.

Вчера, изјава даде и градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, кој изрази убедување дека очекува во најскоро време стартирање на фабриката, земајќи предвид позитивниот пристап што го имаат премиерот Заев, вице премиерот Анѓушев и секако банките.

На ваквите позитивни уверувања и сигнали од првите луѓе од Владата и од банките кредитори Комерцијална, Стопанска и Силк Роуд Банка, единствено неубеден е претседателот на синдикалната организација Ѓоре Палитов кој и понатаму тврди дека фабриката ќе се затвори и сите вработени ќе ги изгубат работните места.
Мнозинството вработени пак кои не го подржуваат штрајкот, и кои Палитов го посочуваат за соучесник на раководството кое е под истрага, својата доверба ја даваат на Владата и банките, убедени се дека имаат заеднички интерес со нив, а тоа е долгорочно работење на фабриката. Единствено се жалат дека имаат неподносливи притисоци од раководството кое сметаат дека е најголемиот виновник за ситуацијата во која се наоѓаат и кои во изминатите две години работеле само за сопствени интереси, со што ја довеле фабриката во стечај, а финансиската полиција и УЈП на вратата на фабриката, па сега во очај да ги прикријат своите нелегални активности и богатење на сметка на работниците, единствен излез гледаат во хаосот наречен штрајк, па дури и во гаснење на фабриката.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП