26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПесимизам во НБРМ - проекцијата за раст од 2.5% тешко остварлива

Песимизам во НБРМ – проекцијата за раст од 2.5% тешко остварлива

Песимизам во Народната Банка. Проекцијата за економски раст од 2.5% до крајот на годинава е тешко остварлива, заклучи Комитетот за монетарна политика.

„Поволни движења се забележуваат во градежниот сектор и трговијата… Од друга страна, движењата во индустрискиот сектор се понеповолни во однос на вториот квартал… Во однос на проектираната патека до крајот на годината, пониските остварувања во првата половина од годината создаваат надолни ризици за проекцијата на БДП од 2.5% за цела 2017 година“ се наведува во соопштението од НБРМ.

Гувернерот Димитар Богов, пак, во интервју за денар.мк вели дека очекува економско закрепнување во втората половина од годината, имајќи ги предвид првите преземени чекори кон стабилизирање на политичката ситуација, како и подобрените пазарни очекувања. Сепак, потврдува дека растот ќе биде значително под проекцијата.

„Сè уште е во тек подготовката на редовниот круг прогнози за октомври, но грубо кажано, се надеваме дека економското закрепнување што се очекува во втората половина од годината ќе го неутрализира регистрираниот пад во првата половина со што би можеле да сметаме на малку позитивен раст за целокупната година, кој сепак би бил помал од минатогодишниот од 2.4%“ вели гувернерот Богов во интервјуто за денар.мк.

Во најновиот извештај и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја намали прогнозата за економскиот раст на Македонија. Стопанските активности годинава треба да се зголемат за 2.5%, а не за 3.4% како што беше проектирано во април. Намалени се очекувањата и за следната година, од 3.4% на 3.2%.

Ваквите надолни корекции доаѓаат откако статистиката регистрираше пад и на градежништвото и на индустријата – двата сектори кои во најголем дел го поттикнуваа растот со години.

Индустриското производство тоне од почетокот на годината, со исклучок на мај и јуни кога беше во позитива. Гледано по месеци, јануари заврши со -2.6%, февруари со -1.3%, март со -0.9%, април со -1.9%, мај со +9.2%, јуни со +4.0%, јули со -2.2%, август со -5.3%.

Градежништвото во првиот квартал годинава падна за 6.3%, а во вториот за дури 17.3%.

Сето ова резултираше во првиот квартал македонската економија да стагнира односно да има раст еднаков на нула, а во вториот да има пад од 1.8%.

Бизнисмените, пак, подолго апелираат – на економијата и е неопходна сериозна поддршка која треба да биде насочена пред се кон производствените компании. Но, пред се е потребно да се направи анализа која ќе прерасне во стратегија.

„Треба пошироко да се разгледаат можностите. Да не се споредуваме со другите земји каде и има драстично поголема поддршка. Не може исти мерки да се спроведуваат за целото стопанство, треба да бидат насочени особено кон производствените гранки“ вели Маријана Перковска, претседател на Кластерот за текстил.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП