26 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАУтревечер почнува фестивалот Браќа Манаки

Утревечер почнува фестивалот Браќа Манаки

Утревечер со македонската премиера на краткиот филм „Крајот на времето“ на македонскиот режисер Милчо Манчевски, а потоа и со премиерата на бугарско – македонската копродукција „Насоки“ на бугарскиот режисер Стефан Командарев, прв од филмовите во официјалната селекција, почнува програмата на 38. Издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, што ќе трае до 30 септември.

Подготвоките за гала отворањето во Центарот за култура во Битола се при крај, градот  веќе се полни со филмаџии и почнува да дише со фестивалот.

Пред проекциите на филмовите за отварање, претседателот Ѓорге Иванов, кој е покровител на фестивалот ќе му ја врачи Златната камера 300 за животно дело на годинашниот лауреат кој веќе пристигна во Битола, Пјер Лом, легендарниот француски и светски кинематографер. Вториот добитник на наградата за животно дело, славниот италијански кинематографер, Џузепе Ротуно, заради својата возраст не можеше да дојде во Македонија, но негов претставник ќе ја прими  Златната Камера 300 за животно дело на утрешното свечено отворање на фестивалот.

За гала отварањето на фестивалот ќе се одржи и перформанс во режија на Нела Витошевиќ. Кореограф  е Искра Шукарова, а ќе настапат актерите Сашко Коцев, Драгана Костадиновска Денис Абдула,  танчерот Агим Бафтии и  студените од одделот за современ танц при Факултетот за музичка уметност од Скопје. Костимите и сценографијата се на Розе Трајчевска и Влатко Чачоровски.

„Концептот е колаж од неколку сцени од најпозатите сцени од филмовите чиишто кинематографери се годинешните лауреати на фестивалот, Ротуно и Лом. Публиката на свеченото отварање, во Центарот за култура, ќе види перформанс со култни и препознатливи  реплики, посветен на двајцата великани на светската кинематографија.  Браќа Манаки е најголем и најважен фестивал во државата и мене ми беше и задоволство и предизвик да направам перформанс со кој ќе се слави делото на овие големи имиња“, вели режисерката Витошевиќ.

По свеченото отварање, ќе биде прикажан филмот „Крајот на времето“ на режисерот Милчо Манчевски, кој е опишан како експериментален филм „за оној хипнотизирачки миг во еден обичен, скромен вторник кога човек сфаќа дека времето запрело и светот е вшмукан во една единствена насмевка“.

„Крајот на времето е филм кој може комотно да се претстави во музеј или галерија наместо во киносала. Во него продолжувам да ја истражувам крстосницата каде што вистината и прикаската се вкрстуваат, преклопуваат и сукобуваат; овој пат на минималистички начин, вели Манчевски.

Филмот „Насоки“, чијшто кинематографер е  Веселин  Христов, е современа драма чие дејство се одвива во рамките на 24 часа, каде што во шест такси-возила се испреплетуваат судбините на група луѓе – херои од сегашната балканска реалност. Во тоа деноноќие сме сведоци на некои од реалните проблеми, па дури и апсурди на денешното општество на овие простори. Копродуцент на овој филм кој беше прикажан во престижната програма „Извесен поглед“ во Кан, е „Сектор Филм“ на македонските  продуценти Владимир Анастасов и Ангела Несторовска.

На овогодишното издание на Браќа Манаки има 10 различни филмски програми, 13 филмови во конкуренција за Златна, Сребрена и Бронзена Камера 300, меѓународното жири го предводи Пол Рене Ростад, кинематографер од Норвешка, а членови се: Лука Коасин, кинематографер од Италија, Јани – Петери Паси, кинематографер од Финска, Даријан Пејовски, режисер и сценарист, од Македонија и Ерол Зубчевиќ, кинематографер од Босна и Херцеговина. Фестивалот годинава ќе ги одбележи и големите јубилеи на македонската кинематографија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП