26 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРА68 филма на осмото издание на фестивалот за документарен филм „Македокс“

68 филма на осмото издание на фестивалот за документарен филм „Македокс“

Осмото издание на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ ќе се одржи од 19 до 25 август 2017 година во и на платото пред Куршумли ан во Скопје. Годинава „Македокс“ ќе донесе 68 филма во петте сегменти – Главна програма, Нови автори, Кратки филмови, Студентска и Детска програма и 65 фестивалски гости. Селекцијата е направена од 2.791 филм од 120 држави од сите континенти. Тематски фестивалот ќе биде фокусиран на визуелната нарација со мото „Расприкажани слики“ следејќи ја познатата изрека „Една слика вреди илјада зборови“.

Прес-конференцијата за осмото издание на „Македокс“ се одржа во „МКЦ Клуб-ресторан“, каде што од екипата на „Македокс“ пред присутните новинари и медиуми се обратија Петра Селишкар, Петрула Вељановска и Дарко Набаков.

„Во програмата имаме 68 филма кои помалку користат говор, но повеќе раскажуваат со своите слики“, нагласи Дарко Набаков.

„Концептот на ’Македокс‘ годинава е посветен на визуелната нарација не само зашто таа е директно поврзана за филмот туку и затоа што очите се битен орган да видиме што се случува околу нас, но и да ги видиме сликите што се внатре во нас“, објасни Петрула Вељановска.

„Годинава целата ситуација со фестивалот ја гледаме од птичја перспектива бидејќи сме птици преселници и следните години ќе треба да се отселиме од нашето гнездо во Куршумли ан, но се надеваме дека тоа нема да биде засекогаш и дека пак ќе се вратиме во нашето гнездо“, загатна Петра Селишкар.

Фестивалот ќе биде отворен на 19 август со македонската премиера на документарниот филм „Со љубов“ снимен по сценарио на Атанас Георгиев и во режија на Илија Цветковски, а се прикажува во програмата „Нови автори“. Во истата програма ќе биде прикажан уште еден македонски филм. Станува збор за „Планински кавијар“ на авторот Јордан Дуков во продукција на ТВ „Телма“.

Осумте документарци во главната програма на „Македокс“, со проекции во Куршумли ан, ќе се натпреваруваат за наградата „Кромид“ за која ќе одлучува жири во состав: Антон Калеја, Владимир Блажевски и Туе Стен Милер.

За наградата „Млад кромид“ за најдобар филм на млад автор ќе одлучува жири во состав Кристина Первила-Андерсон, Селин Мурат и Талал Дерки. За наградата „Кокарче“ за најдобар студентски документарен филм ќе одлучуваат Ана Јакимска, Ненад Поповиќ и Филип Велковски.

Годинава првпат на „Македокс“ ќе биде доделена и награда за краток документарен филм со наслов „Сечкан кромид“, а за наградата ќе одлучуваат Ања Медвед, Катарзина Гондек и Роберто Блат.

Сите филмови што ќе бидат прикажани на „Македокс“ влегуваат во конкуренција за Наградата за етички идеи за која ќе одлучува жири во состав: Анета Дучевска, Брина Вогелник и Вито Флакер.

Наградите што ќе бидат доделени на последната вечер на фестивалот се дело на академскиот скулптор Примож Селишкар.

Земја во фокус годинава е Грузија. Грузискиот филм, по мачните стагнирачки години од промената на политичкиот систем, повторно се враќа на светската филмска сцена. Со целиот сјај, знаење, талент и љубов од едни други, нови клинци, кои на најдобар можен начин го продолжуваат филмското наследство од претходните генерации. На 8. по ред „Македокс“ ќе може да се проследи изборот на седум најнови грузиски документарци.

Покрај филмската програма, на фестивалот ќе се одржат работилницата за визуелна нарација и камера „Една слика, илјада зборови“, на која предавањата од 21 до 25 август во Даутпашиниот амам ќе ги држат гостите Кристина Первила-Андерсон и Туе Стен Милер, како и работилницата за фотографија „Камера опскура“, која ќе ја води фотографот Сашо Н. Алушевски. Во текот на фестивалските денови ќе се одржи и втората сесија на работилницата за креативен документарен филм „Докуникулци“.

Ноќите под отворено небо на „Македокс“ ќе бидат исполнети со звукот на музиката на три врвни групи. На отворањето ќе настапат страсните и секогаш оригинални членови на „Фолтин“. Словенечкиот ансамбл со специфичен израз „Брина“ на светската музичка мапа се проби со реаранжирање и осовременување на словенечките народни песни. Македонската група „Баклава“ ќе го пренесе раскошот на традиционалната музика со нивниот минималистички музички концепт.

Незаменлив сегмент во програмата на „Македокс“ се док-муабетите под смоквата, на кои авторите, но и публиката, имаат можност одблиску да се запознаат меѓусебно. Ќе има и промоција на книгата „Социјалниот архетип во документарниот филм“ на Маријана Котевска-Георгиева, но и фотоизложба со наслов „Расприкажани слики од грузиски ракурс“. Агенцијата за филм на РМ и Министерството за култура во рамките на спроведувањето на програмата „Креативна Европа“ (Култура и МЕДИЈА) ќе организираат промотивен настан, кој ќе се одржи на 23 август со почеток во 11 часот во медија-центарот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП