26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонски региони: најбогато во Скопје, најсиромашно на Истокот

Македонски региони: најбогато во Скопје, најсиромашно на Истокот

Скопје е центарот на Македонија – статистиката покажува драстични регионални разлики: најсиромашно е во тетовско и во штипско, а најбогато во главниот град. Во метрополата има највисоки плати и најдобар стандард, но и најголема продуктивност на работниците.

Само скопјани имаат плати над просекот

Само жителите на Скопје имаат повисока плата од државниот просек кој лани изнесувал 22.342 денари. Така, во главниот град просечната нето плата била 26.243 денари. Следуваат Полог со 21.484, Пелагонија со 20.600, Југозапад со 20.044, Вардарски со 17.699, Југоисток со 17.506 и Исток со 16.701 денари. Ова го покажуваат податоците содржани во најновата публикација на Државниот завод за статистика (ДЗС) „Регионите во Република Македонија“.

Главниот град е главен носител на економијата

Скопје има и најголемо учество во економската активност, и вкупната и по глава на жител.

Бруто домашниот производ по региони (БДП) во бил распределен на следниот начин: Скопски 42.6% (3.475.040.650 евра), Пелагониски 11.3% (919.186.991 евра), Југоисточен 9.2% (751.398.373 евра), Вардарски 8.2% (670.894.308 евра), Источен 8.1% (657.707.317 евра), Југозападен 7.8% (640.292.682 евра), Полошки 7.5% (613.577.235 евра), Североисточен 5.3% (432.731.707 евра) или вкупно 100% (8.160.829.263 евра).

Ако во споредбата се земе предвид и населението, Скопје повторно е на прво место. Така, БДП по жител во главниот град бил 5,950 евра, во Југоисток 4.950, во Вардарски регион 4.450. Најнизок е во Полог, само 1.900 евра. Просекот на ниво на Македонија истата година бил 4.150 евра.

Невработеност: највисока во Крива Паланка, најниска во Струмица

Највисока стапка на невработеност има Североисточниот регион (42.2%). Следуваат Југозападниот (33.0%), Полошкиот (26.4%), Скопскиот (22.3%), Вардарскиот (21.6%), Пелагонискиот (19.0%), Источниот (16.4%). Најниска стапка на невработеност има Југоисточниот регион (14.1%). Податоците се однесуваат на 2016-та година кога стапката на ниво на државата била 23.7%.

Овие бројки до некаде се поклопуваат и со оние за корисниците на социјална помош. Регионите со најмногу невработени имаат и најмногу социјални случаи. Така, во Североисточниот 2.46% од населението се корисници на социјална или парична помош, а во Југоисточниот 1.57%.

Македонија има стратегија која засега нема резултати

Македонија има стратегија односно програма и посебен орган кој ја спроведува – Бирото за рамномерен регионален развој кое финансира проекти во посиромашните општини. Според официјалната интернет страница, целите на институцијата се рамномерен и одржлив развој на целата територија на Македонија, намалување на разликите меѓу планските региони и подигнување на квалитетот на животот на сите граѓани. Колку е успешно нивното достигнување покажуваат статистичките податоци.

Големи регионални разлики и во Европската Унија

Големите регионални разлики не се проблем само во Македонија. Слична е состојбата и во голем дел од членките на Европската Унија. Најдрастични разлики има Обединетото Кралство каде најразвиениот регион е 9.7 пати побогат од најсиромашниот. Но, забележливо е дека големите регионални разлики во БДП на жител се карактеристични за поголемите земји, како Велика Британија, Германија и Франција.

Регионалните разлики во нивото на БДП на жител се далеку пониски во земјите од ЕУ со слична големина како Македонија. На пример, во Словенија тој сооднос изнесува 2.1, во Летонија и во Естонија 2.2, а во Литванија 2.5. Оттука се наметнува констатацијата дека Македонија се карактеризира со исклучително нерамномерен економски развој меѓу главниот град и другите населени места во земјата, несвојствен за мала земја по територија и по население.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП