3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнѓушев порача во Австрија: Потребни се итни промени во енергетиката

Анѓушев порача во Австрија: Потребни се итни промени во енергетиката

„Владата интензивно ќе работи на нов закон за енергетика, во кој би биле имплементирани одредби за третиот пакет на либерализација на пазарот за гас и електрична енергија.“

Заменик претседателот на Владата, Кочо Анѓушев, учествуваше на неформалниот состанок на министри за енергетика, индустрија и трговија кој се одржа во градчето Дурштајн во Република Австрија.

Неформалниот состанок на министри за енергетика, индустрија и трговија се одржа на иницијатива на Еврокомесарот за добрососедска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан и директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница Јанез Копач.

Главна тема на состанокот беше измената и дополната на Договорот за Енергетска заедница, во чие креирање активно ушествува и  Македонија. Измените во Договорот за Енергетска заедница се однесуваат на одредби со кои се поттикнува повисок степен на имплементација на европското законодавство во земјите потписнички на Договорот, како и  на дефинирање на правилата за соработка меѓу земјите потписнички на Договорот.

Вицепремиерот Анѓушев за време на своето обраќање пред присутните потенцираше дека Владата на Република Македонија ќе го вложи сиот потенцијал и капацитет за спроведувањето на реформите во енергетскиот сектор, како еден важен чекор кон доближување до преговорите за членство во Европската Унија.

„Енергетската заедница е во право кога вели дека Македонија е една од земјите, којашто има најмногу неусогласености на домашното законодавство со Договорот за енергетска заедница, а токму поради тоа и ја оценува нашата земја како последна во регионот во однос на спроведување на реформи во енергетскиот сектор. Неколку години реформите во енергетиката се замрзнати, нашата работа ја започнуваме како последни во регионот, но верувам дека тоа ќе го смениме и ќе го фатиме чекорот со другите земји од Западен Балкан. Ќе работиме посветено, професионално и одговорно, со цел да ги забрзаме реформите во енергетскиот сектор“, посочи Анѓушев.

Анѓушев дополни дека владата интензивно ќе работи на нов закон за енергетика во кој би биле имплементирани одредби за третиот пакет на либерализација на пазарот за гас и електрична енергија. Воедно ќе се работи и на нов Закон за енергетска ефикасност преку кој ќе се изврши усогласување со Директивите за Енергетска ефикасност и Енергетски перформанси на објектите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП