20 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕкономијата во стагнација – 0% раст на БДП во првиот квартал

Економијата во стагнација – 0% раст на БДП во првиот квартал

Македонската економија влезе во стагнација. Додека Државната статистика објави 0% раст на БДП во првиот квартал, новата власт најавува стапки и до 5%. Бизнисмените и експертите велат дека долго предупредувале дека политиката ќе удри на економијата.

ДЗС: 0% раст на БДП во првиот квартал

Македонската економија не пораснала во првиот квартал односно растот е 0%. Ова го покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Гледано по сектори раст е забележан кај: информации и комуникации (5.5%), преработувачка индустрија (2.3%), рударство и вадење камен (2.1%), земјоделство (1.1%). Од друга страна пад е забележан кај: уметност и рекреација (-9.9%), градежништво (-6.3%), јавна управа (-3.9%), финансиски дејности (-1.2%). Кога се ќе се собере и одземе се доаѓа до точно. 0.0% раст на стопанството.

Финалната потрошувачка била поголема за 2.3% во однос на истиот квартал лани, а бруто инвестициите биле поголеми за 0.6%.

Увозот пораснал за 10.7%, а извозот за 9.0% со што се зголемил и трговскиот дефицит.

Министерство за финансии: достижен е економски раст од 5%

Сепак, министерот за финансии Драган Тевдовски вели дека економскиот раст во просек од 5% на годишно ниво е достижен во мандатот на СДСМ.

Главен двигател на економијата се очекува да бидат домашните компании бидејќи поради побрзиот поврат на ДДВ и елиминирање на неизвесноста во економијата би се охрабриле повеќе да инвестираат повеќе.

Министерството планира и ребаланс на буџетот, најверојатно уште летово.

„Со ребалансот на буџетот сакаме да ги исчистиме неефикасните трошења, да видиме колку простор останува за да воведеме некои од мерките што се предвидени со програмата на Владата, како што е зголемување на минималната плата. Во јули веќе ќе треба да се почне и со проекциите за буџетот во 2018 година, во кој ќе бидат имплементирани најголем дел од економските мерки“, изјави Тевдовски.

Сите институции со намалени проекции

Проекциите за годинава се разликуваат од институција до институција. Највисок раст очекува Меѓународниот монетарен фонд (3.2%), потоа Владата (3%), Европската Комисија (2.9%), Светската Банка (2.8%), Народната Банка (2.5%). Најмали оптимисти се во Европската банка за обнова и развој (2.4%).

Ова се очекувањата објавени во текот на месец мај. Речиси сите се намалени во однос на претходните месеци, но по најновите податоци од ДЗС очигледно ќе се прават и нови надолни корекции.

Политиката удри на економијата

Економистите подолго предупредуваа дека економијата ќе забави погодена од политиката. Дел од нив предлагаат стимулирачки мерки за да се поттикне потрошувачката а со тоа и целото стопанство.

„Според економската теорија НБМ може, во ситуација кога се очекува низок економски раст, централната банка би требало да ги намали каматните стапки, за да се стимулира економскиот раст, тоа е можно, бидејќи кај нас инфлацијата е ниска. Оваа мерка ќе ја стимулира потрошувачката, бидејќи граѓаните повеќе ќе се задолжуваат, ќе инвестираат, што е поволно за растот“ изјави минатиот месец аналитичарот Бранимир Јовановиќ кој од пред неколку дена е дел од тимот на Министерството за финансии.

Токму намалената потрошувачка а особено скратените инвестиции го кочат растот. Оваа ситуација е резултат на неизвесноста и недовербата во институциите.

„Најголеми корекции има кај бруто инвестициите, што значи дека инвестициите на приватните компании и на оние што се извозници каскаат, имаат проблеми со ликвидноста, кредитирањето е намалено, што значи дека економијата е во специфична состојба“, вели Борче Треновски, професор на Економски факултет.

Бизнисмените бараат итни реформи

Бизнис секторот бара итни реформи на економски план – новата Влада пред се да се фокусира на развој на приватниот сектор, борба со сивата економија и поддршка на конкурентноста.

„Деловното опкружување со чести законски измени и парафискални давачки на различни административни нивоа во континуитет ќе се соочува со предизвици. Главните слабости покрај честото менување на легислативата, се и недоволните консултации на засегнатите страни, но и големиот неформален сектор, како и проблематичниот пристап до финансии за малите и средните претпријатија“, изјави претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска во Белград на економскиот форум што Европската Унија го организира за Западен Балкан.

Што ветува новата Влада на економски план?

Укинување на радиодифузната такса, враќање на евтината тарифа за струјата, минимална плата од 16.000 денари до крајот на мандатот и 12.000 денари во првата година.

Ова се главните ветувања на новата Влада на економски план која во програмата најавува и раст на економијата, повеќе работни места и повисок стандард.

Дел од економските мерки се воведување на поправеден персонален данок на доход со две стапки (10% и 18%) што ќе содржи и враќање на платениот персонален данок на доход за граѓаните кои имаат многу ниски месечни лични доходи.

СДСМ најави воведување на нов систем насловен како „Повеќе пари кај граѓаните” со кој на граѓаните ќе им се враќаат по 15% од платениот ДДВ, со исклучок на данокот остварен при купување на луксузни производи.

Во првите 180 дена од мандатот се планира елиминирање на сите непотребни документи кои ги бараат институциите во управните постапки.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП