26 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАИзложба на карикатури во галерија „Остен“

Изложба на карикатури во галерија „Остен“

По повод 49. Светска галерија на карикатури Скопје 2017, во галеријата „Остен“ (влез од улица „Максим Горки“ 16), од вечерва (25 мај) до 15 јуни македонската јавност ќе може да види селектирани дела од годинешните учесници.

Светската галерија на карикатури и овој пат ги обедини уметноста, хуморот и интелигенцијата од цел свет изразени преку цртеж на бројни интернационални автори и нивните генијални дела. Наградени автори се: Клаудио Антонио Гомес (Бразил) – Прва награда за карикатура; Недељко Убовиќ (Србија) – Прва награда за стрип; Реиналдо Паган Авила (Естонија) – Прва награда за сатиричен цртеж; и Блаже Докулески (Македонија) – Награда „Цицо“ (за македонски карикатурист).

Добитници на Посебна награда се Муса Ѓумуш (Турција), Бранко Илиќ (Хрватска), Клаус Пипер (Австрија), Миланко Каличанин (Србија), Боб Дарош (Њу Зеланд), Махмудјон Ешонкулов (Узбекистан), Лук Дешемаекер (Белгија), Рос Томсон (Обединето кралство), Владимир Казаневски (Украина) и Хамидреза Мосајеби (Иран).

Доследни на својата заложба за поттикнување на уметноста на хартија, како и секоја година, основен критериум за учество на Светската галерија на карикатури беше учество со оригинални, рачно цртани карикатури, сатирични цртежи и стрипови. Карикатуристите од целиот свет ја поздравуваат оваа наша заложба и ги препознаваат нашите напори за поттикнување вистински уметнички вредности при создавањето на карикатурите.

Годинава ценети поединци од светот на карикатурата ги бираа најдобрите. Првата селекција ја направи познатиот карикатурист од Хрватска, Дамир Новак, додека членови на интернационалното жири кое одлучуваше за наградите беа: Руди Гејсенс, Белгија (претседател на ЕЦК – Европски центар за карикатура), Ангел Болиган, Мексико (карикатурист и уредник – карикатурист на весникот „Ел Универзал“), Масуд Шожаи Табатабаи, Иран (главен уредник на магазинот „Иранска карикатура“), Сејран Каферли, Азербеџан (карикатурист и директор на Меѓународeн центар за вести од областа на карикатурата) и Мице Јанкуловски, Македонија (уметник, претставник од „Остен“).

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП