27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААвтомобили: сè помала продажбата и на нови и на половни

Автомобили: сè помала продажбата и на нови и на половни

Продолжува негативниот тренд за автомобилскиот пазар. Во првиот квартал од годинава повторно мала продажба и на нови и на половни коли, така е веќе со години.

Според податоците на Царината во првите три месеци од годинава биле увезени 1.294 нови и 4.748 половни автомобили. Во истиот период лани бројките достигнале 1.013 односно 6.941.

Импортерите одамна се жалат на намален обем на работа.

„До пред неколку години продававме и над илјада нови коли, лани не можевме да стигнеме ни до двесте. Проблемот го лоцираме во три работи – прекумерниот увоз на половни автомобили, намалената куповна моќ и неизвесноста поради политичката криза“, велат во еден од поголемите салони за автомобили.

Стагнација има и кај продажбата на половни автомобили – на интернет има десетици илјади активни огласи, а цените се значително намалени.

Ни на плацовите кои препродаваат состојбата не е сјајна. Автомобилите седат паркирани со месеци чекајќи си сопственик.

„Секој месец продаваме по 2 до 3 коли. Кога го почнавме бизнисот пред пет години се случуваше бројката да достигне и до 50. Тогаш навистина се заработуваше. Сега едвај преживуваме“, вели во несврзан разговор сопственик на ваков плац во скопски Карпош.

Од јули минатата година стапија во сила построгите критериуми за увоз на половни возила. Се забрани внес на автомобили со ЕУРО 3 стандард односно постари од 2005-та година. Ова дополнително го намали обемот на работа за препродавачите односно за увозниците на половни коли.

Дека секторот стагнира покажуваат и податоците на Народната Банка. НБРМ бележи годишен пад од дури 18.5% на одобрените автомобилски кредити.

На глобално ниво трендот е позитивен. Светскиот пазар на нови автомобили минатата година имал раст од 4.6%, биле продадени 93 милиони и 248 илјади нови коли, а најголем дел од продажбата била остварена во Кина и Соединетите Американски Држави.

Во Европа лани бил остварен раст од 6.3%, биле продадени 15 милиони и 762 илјади нови автомобили, а топ пет водечки пазари биле: Германија, Франција, Обединето Кралство, Шпанија и Италија.

 

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП