23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПотпишан Меморандум меѓу ФЕИТ и СОСУ „Илинден“ – младите да останат во...

Потпишан Меморандум меѓу ФЕИТ и СОСУ „Илинден“ – младите да останат во Македонија

Потпишан е меморандум за соработка помеѓу Факултетот за Електротехника и Информациски технологии – ФЕИТ и Средното Општинско Стручно Училиште „Илинден“, со главна цел се поттикне квалитетниот кадар и да се создадат услови за младите да останат во Македонија.

Меморандумот го потпишаа деканот на ФЕИТ, проф. д-р. Димитар Ташковски, директорот на Средното Општинско Стручно Училиште „Илинден“, Зоранче Арсовски и градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски.

„Овој меморандум е една почетна точка и за Училиштето, и за Факултетот. Во неколку насоки сакаме да ги подобриме условите за работа и на учениците, и на студентите, преку заеднички проекти, литература, опрема, организирање семинари, натпревари и обуки, и не само за нив, туку и за професорите и наставниците. Нашата идеја е да создадеме што поповолни услови и да ги охрабриме младите да почнат сопствен бизнис, бидејќи тие се полни со квалитетни идеи“, рече деканот на ФЕИТ, проф. д-р. Димитар Ташковски.

Средното училиште „Илинден“ е основано во 2013-та година од Општина Илинден. Има осум паралелки со 256 ученици, од кои 2 паралелки т.е. 63 ученици се матуранти годинава. Наставните програми кои ги нуди училиштето се Електротехничар за компјутерска техника и автоматика и Електротехничар за електроника и телекомуникации.

Директорот на училиштето, Зоранче Арсовски, рече дека е задоволен од досегашното функционирање и условите за работа кои ги нуди училиштето, но смета дека надоградбата на наставниот кадар е исто толку важна.

„Сметам дека надоградбата на наставниот кадар е многу важна. Би било убаво да се разменуваат искуствата со факултетот и да се организираат некои меѓународни натпревари. Ова треба да се прави најмногу поради младите, за постојано да можат да се дообразуваат и усовршуваат. Ние би сакале и да го пробудиме интересот на основците за овие струки бидејќи иднината е во техничките насоки“, изјави директорот Арсовски.

Градоначалникот на Општина Илинден упати апел за поддршка на младиот кадар како наша иднина, во насока на стипендирање на најквалитетните и најсолидни ученици, од страна на компаниите.

„Задржувањето на младите во Македонија треба да почне уште веднаш. Ние како Општина имаме меморандуми со неколку компании кои треба да влезат во производство, и затоа сметам дека ова е одлична можност и за компаниите да ги поддржат квалитетните кадри уште како среднисти, па понатаму преку Факултетот да се затвори кругот на нивното образование кога компаниите би ги преземале како свои вработени. Фирмите би можеле да ги следат младите уште додека учат средно образование, да им овозможат обуки или стипендии додека се на факултет, за на крај да имаат веќе готов квалитетен кадар“, изјави градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски.

Со потпишување на овој меморандум се очекува зголемување на квалитетниот кадар во Македонија и поттик за надоградба на истиот преку размена на искуства на наставниот кадар, смислување на заеднички проекти и меѓународни натпревари, но и задржување на младите во државата преку идеи и поддршка за создавање на сопствен бизнис.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП