27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСпоред Finance Think можни се три сценарија за трендовите на економијата во...

Според Finance Think можни се три сценарија за трендовите на економијата во Македонија

Finance Think оценува дека најновите податоци за економските трендови во Македонија покажуваат понатамошни негативни последици од политичката криза врз економијата. Несомнено, политичката криза повеќестрано влијае врз македонската економија, а во овој контекст, Finance Think предвидува три сценарија за трендовите на економијата во периодот што претстои.

Сценарио 1: Изнаоѓањето компромис околу формирањето нова влада помеѓу политичките партии и понатаму ќе биде отежнато. Во ситуација на формирање влада од која било партија или партии, неизвесноста ќе продоложи поради нестабилноста на таквата влада. Тоа ќе предизвика, до одредена мера, понатамошно присуство на неизвесноста и несигурноста кај приватниот сектор, и следствено продолжување на воздржаноста кај компаниите во планирање на своите тековни и идни инвестициски и развојни активности.

Сепак, негативните ефекти врз економијата може благо да олабават поради тоа што ќе може да се води поактивна фискална политика (споредено со ситуација на техничка влада) и да се отпочнат одредени структурни реформи. Дополнително, некои инвестициски планови кај странските инвеститори може да се придвижат во позитивна насока. Во ваква ситуација, проекцијата на Finance Think за растот на БДП во 2017 година изнесува 3.1 отсто. Растот за 2018 година се проектира на 3.6 проценти.

Сценарио 2: Формирањето влада може да се оддолжи најрано до есента 2017, или влада да се формира дури по одржување нови избори. Решение на политичката криза во третото тримесечје од 2017 година подразбира продолжување и зајакнување на неизвесноста во бизнис и институционалното окружување дотогаш. Воздржаноста на приватниот сектор за одлуки за инвестирање и потрошувачка ќе се засили, кредитирањето дополнително ќе забави, а и планирањето на отворање нови работни места ќе биде одложено. Моментално започнатиот тренд на намалување на инвестициската активност, проследен со индистриски и кредитни падови, ќе продолжи и ќе се влоши, правејќи го свртувањето кон позитивни трендови се` потешко и подолготрајно. Во ваква ситуација, ефектите врз растот ќе бидат значајно понегативни и проекцијата за растот на БДП би се движела надолно и до 2.3 отсто.

Потенцијалните позитивни влијанија од политичко решение во есента 2017 би се забележале дури во првата половина од 2018 година. Дури во втората половина од 2018 година ќе може бруто инвестициите да се стабилизираат без притоа да забележат пад, а воедно и кредитирањата кон приватниот сектор да почнат да се зголемуваат.

Индустриското производство би забележало подобрување, првенствено со елиминирање на негативните стапки на раст. Исто така, БДП растот во 2018 би бил стабилизиран, со не многу големи поместувања надвор од рангот 2.5-3.0 проценти.

Сценарио 3: Политичките партии, под засилен притисок од меѓународната заедница, изнаоѓаат робустно решение за политичката криза кон крајот на месец март 2017 преку формирање стабилна влада. Во ваков случај, можноста за стабилизирање на македонската економија и расчистување на неизвесноста во бизнис окружувањето кон средината на 2017 година ќе биде голема.

Позитивните влијанија би се забележале веќе во третото тримесечје од 2017 година. Во овој период се очекува дека падот во бруто инвестициите и кредитирањето на приватниот сектор би прекинале и би забележале стабилизација на трендот, а можно е и благо позитивно придвижување, односно забрзување на растот. Дополнително, индустриското производство би ги стабилизирало своите падови во повеќето индустриски гранки, и би трасирало постабилен пат за раст до крајот на 2017 година. Со тоа, БДП растот за 2017 година би бил благо над моменталната проекцијата на Finance Think и би се движел во рангот од 3.1 отсто до 3.5 проценти за 2017 година, додека проекциите за 2018 година би можеле да се движат и до околу 4 проценти.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП