26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗанаетчиство: од рачна изработка нема заработка

Занаетчиство: од рачна изработка нема заработка

zanat

Од рачна изработка нема заработка – мнозинството занаетчии се жалат дека едвај врзуваат крај со крај. Најголеми проблеми се нелојалната конкуренција и евтиниот увоз.

Новите ги истиснуваат старите занаети

Дел од старите занаети како ковачите, шапкарите, папучарите, лимарите, јорганџиите се речиси изумрени. Во цела Македонија се останати по само неколку стари мајстори кои се борат со новото време и не можат да најдат наследници. Тие причините ги лоцираат на повеќе места – недостатокот на конкретна државна помош, самиот процес на индустријализација, евтиниот увоз од Турција, Индија, Кина…

„Најмногу работиме за странските туристи, но однадвор што носат роба, тие не утепаа. Голема конкуренција, а ние не можеме да се носиме со неа. Не е за жалење, но човек многу тешко може да опстане со занаетов.  Ти работиш цел ден, правиш нешто, а никој не го вреднува тој труд, да го плати. Еден пар, за 50, 100 денари да работиш цел ден, тоа не е вредност“ вели единствениот преостанат изработувач на папучи во Скопската чаршија.

Од друга страна има и позитивни примери, занаети кои изминативе години доживуваат вистинска ренесанса, пред се оние кои работат со злато, сребро, филигран им оди подобро. Тоа не излегува од мода и не губи на вредност.

„Луѓето пројавуваат голем интерес за овој накит и се купува. Цените не се многу високи. Мислам дека секој може да си дозволи да носи парче филигран на себе“ вели Анета Поповска, изработувач на филгиран.

Во Македонија има 7.000 занаетчии

Според Комората на занаетчии во Македонија има над 7.000 пријавени занаетчии кои работат во 300 регистрирани дејности. На листата на изумирање се најдоа ковачите, лимарите, шапкарите и часовничарите – овие занаети сè помалку се регистрираат како дејност и нивната бројка во изминатите неколку години континуирано се намалува.

Сепак и за дел од традиционалните занаети како да има светла иднина – бројот на чевлари е во пораст иако тие само поправаат, но не изработуваат обувки; а кај некои покрај модернизацијата на начинот на работа се менуваат и имињата на дејностите – кројачите стануваат дизајнери, берберите стануваат стилисти.

Обнова на фасадите во Скопската чаршија

Една од мерките за поддршка на занаетчиите е обнова на фасадите во Скопската чаршија. Целта е да се зачува архитектурата и да се продолжи традицијата. Станува збор за објектот кој еден од најстарите дуќани за боење текстил.

Од Конзерваторскиот центар велат дека лани била извршена козервација на три објекти, за годинава се планираат уште пет.

Сепак, сликата низ македонските чаршии е драстично променета последниве години – таму има се повеќе кафулиња, ресторани и продавници, а се помалку занаетчиски работилници.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП