30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПристигнуваат банкнотите од 200 и од 2.000 денари, заминуваат од 5.000

Пристигнуваат банкнотите од 200 и од 2.000 денари, заминуваат од 5.000

pari

Од денеска може да се плаќа со новите банкноти од 200 и од 2.000 денари, а почнува повлекувањето на оние од 5.000 денари. Ова е прва промена што се спроведува по период од 20 години.

Воведување на банкнотите од 200 и од 2.000 денари

Народната Банка направила анализи според кои се утврдила потреба од воведување на двата нови апоена.

„Воведувањето ќе овозможи зголемување на понудата на апоените коишто се на располагање при вршење готовински трансакции, а како секундарен ефект се очекува урамнотежување на побарувачката за одредени деноминации… Секоја земја треба повремено да изврши ревизија на постоечката апоенска структура, со цел да утврди дали е компатибилна со промените во општеството и трендовите на економскиот развој и економските движења“ се наведува во соопштението од НБРМ.

Дизајнот за новите банкноти беше избран пред повеќе од една година преку јавниот конкурс што го спроведе Народната Банка. Двесте денарката од едната страна ќе има релјеф со виничките теракотни икони, а од другата елементи од челната фасада на Шарената џамија во Тетово. Две илјадарката од едната страна ќе има македонска невестинска носија од Прилепско Поле, а на другата  декорација од внатрешна страна на позлатен сад.

Автор на идејното решение е графичкиот дизајнер Ласко Џуровски.

„Решенијата се инспирирани од пребогатата ризница на македонското културно богатство, согласно со пропозициите на конкурсот со кои се бараше од авторите своите решенија да ги вклопат во постојниот дизајн на банкнотите во оптек“, објаснуваше Џуровски по завршувањето на конкурсот.

Парите се отпечатија на специјална хартија во бела боја, со вграден воден печат, заштитна испрекината нитка со впишан текст НБРМ, видливи и невидливи влакна кои рефлектираат во жолта, сина и зелена боја под дејство на ултравиолетови зраци, како и зајакнати рабови против физички оштетувања.

Повлекување на банкнотите од 5.000 денари

Паралелно со воведување на двесте денарките и две илјадарките ќе се одвива и процесот на повлекување на пет илјадарките. Ова од НБРМ го објаснуваат со нивното неприфаќање од пошироката јавност.

„Нивната примена во секојдневните трансакции е незначителна. Потреба од книжни пари со оваа деноминација не пројавуваат ниту банките и наместо нивната количина во оптек од година во година да се зголемува, таа постојано опаѓа“, објави НБРМ.

Деловните банки во Република Македонија ќе ги заменуваат книжните пари со апоенска вредност од 5.000 денари од 15 декември 2016 година до 28 февруари 2017 година, а од 1 март 2017 година нивната замена ќе се врши од страна на Народната банка на Република Македонија.

Колку банкноти и монети има во оптек? Која е најчестата?

Обичниот човек можеби и има заборавено дека постои банкнота од 5.000 денари. Ова не е ни чудно ако се земе предвид дека во оптек има само 60.886 парчиња чија вкупна вредност изнесува 304.430.000 денари. Ова го покажуваат податоците на Народната Банка (НБРМ) заклучно со крајот на минатата година.

Според истите податоци најчеста банкнота во земјава е десет денарката, има над 27 милиони парчиња. На второ место е илјада денарката со над 23 милиони парчиња, па стотката со над 14 милиони, петстотката со 10 милиони и педесет денарката со нешто под 4 милиони парчиња.

Кај монетите, најбројни се оние од еден денар, над 88 милиони, од два денари има 57 милиони парчиња, од 5 денари 33 милиони, од 10 денари 25 милиони и од 50 денари 6 милиони.

Кај вредноста од 50 денари, Народната Банка во оптек има пуштено повеќе монети од банкноти односно има над 6 милиони ковани педесет денарки и речиси 4 милиони отпечатени.

Кај вредноста од 10 денари соодносот е речиси ист, 27 милиони печатени и 25 милиони ковани.

Во извештајот на НБРМ стои и дека во оптек се уште има 3.941.198 монети од половина денар односно од 50 дени, но тие официјално беа повлечени на 1 јануари 2013-та.

Овие монети и претходно беа ректи, нивното првото издание од 1993-та од едната страна имаше стилизирано 16-крако сонце, а од другата галеб во лет.

Вкупната сума на сите пари во оптек, ковани и печатени изнесува 31 милијарда 950 милиони и 962 илјади денари односно 519 милиони и 527 илјади евра.

Сепак, вкупната количина на денари е поголема, овде влегуваат само реалните отпечатени пари, а не и електронските кои постојат на банкарските сметки.

Сегашниот изглед непроменет од 1996-та

Воведувањето на двете нови банкноти е прва промена што се спроведува по период од 20 години.

Сегашниот изглед на денарот е воведен на 8-ми Септември 1996-та, на петгодишнината од македонската независност.

Банкнотите со помала деноминација, 10, 50 и 100 денари се печатени во Република Македонија, додека банкнотите со деноминации од 500, 1000 и 5000 денари се печатени во Обединетото Кралство.

Сегашните македонски банкноти содржат повеќе заштитни елементи како што се воден печат, заштитен конец, скриена слика, микро текст, двоен пасер и оптички променлива боја.

Банкнотите имаат симболи и претстави кои го изразуваат културно историското наследство на Македонија, а идејното решение е на ликовниот уметник Билјана Унковска избрано на јавен конкурс.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП