27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: телевизии - МРТ со повеќе вработени од петте приватни национални заедно

Анализа: телевизии – МРТ со повеќе вработени од петте приватни национални заедно

aaa

МРТ има повеќе вработени од петте приватни национални телевизии заедно, најгледана и натаму е Сител, а најпопуларни вести има Алсат – М. Граѓаните, особено помалку образованите, се уште како прв извор за информирање ги имаат телевизорите. Ова го покажува споредбената анализа на податоците од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), Државниот завод за статистика (ДЗС) и истражувањето на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).

МРТ има 901 вработен!

Македонската радио телевизија (МРТ) на крајот на 2015-та година имала вкупно 901 вработен, а на крајот на 2014-та 852 вработени.

МРТ има ангажирано 239 новинари; 86 уредници; 346 режисери, монтажери и сниматели; 26 инженери и техничари, 6 маркетинг агенти, 5 управители и директори и 192 заведени под категоријата останат кадар.

405 од вработените се со високо, 426 со средно, а 70 со „друго“ образование.

„Жените биле побројни од мажите кај новинарскиот кадар, уредниците и кај преостанатиот кадар. Меѓутоа, на раководна функција била само една жена, наспроти четири мажи. 75,22% од реализаторскиот кадар (сниматели, монтажери, режисери и друго) имале завршено средно образование, а само 18,44% високо образование“ се наведува во анализата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).

Петте приватни национални имаат само 679 вработени!

Сите комерцијални телевизии заедно имаат вкупно 1.723 вработени. Од нив 611 се новинари, 88 уредници, 61 управители и директори, 166 инженери и техничари, 527 режисери, монтажери и сниматели, 58 маркетинг агенти и 212 заведени под категоријата останат кадар.

833 од вработените се со високо, 849 со средно, а 41 со „друго“ образование.

„Од вкупно 88 уредници, 61 биле со високо образование, 25 со средно, а 2 уредници имале друг вид на образование“ се наведува во анализата на АВМУ.

Петте телевизии кои емитуваат на национално ниво (Сител, Канал 5, Телма, Алфа и Алсат – М) заедно имаат вкупно 679 вработени  што е помалку од МРТ која има 901 вработен.

Најгледана телевизија повторно Сител

Анализите на АВМУ покажуваат дека и натаму најгледана телевизија во Македонија е Сител.

На прашањето „кој телевизиски канал го гледавте вчера“ 36% од испитаниците одговориле Сител, 32% Канал 5, 17% Телма, 16% Алсат – М, 13% Алфа, 12% 24 вести, 11% МРТ1…

Од странските телевизии кои се достапни преку кабелска најгледан е Discovery, 8% од Македонците барем еднаш во текот на денот го вклучуваат овој канал. Зад него е Sport Club со 6%, па Fox life со 4%.

Податоците се однесуваат на периодот јули – септември 2016-та.

Од друга страна последната анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), пак, покажува дека најгледани се вестите на Алсат-М и на Сител, а најнегледани на МРТ и на Алфа. 24% од испитаниците одговориле дека најчесто се информираат преку вестите на Алсат-М, 23% се определиле за Сител, 13% за Канал 5, 12% за 24 вести, 10% за Телма, 5% за МРТ1 и 3% за Алфа.

ИРИ ја спровел анкетата преку интервјуа лице в лице од 29 септември до 5 октомври  2015 на примерок од 1.106 испитаници кои одговориле на прашањето „Од кои вести на националните телевизии најчесто се информирате за политички теми“.

Телевизијата останува прв извор за информирање

Анализите на АВМУ покажуваат и дека телевизијата го задржува водството над останатите медиуми во однос на информирањето на граѓаните.

Речиси 75% од граѓаните, секој ден или речиси секој ден за домашни и странски настани се информирале од телевизијата, а 11,8% неколку пати во неделата. На второто место е интернетот со 48,1%, а трет избор на граѓаните се печатените медиуми со 12,1%. Радиото е медиум којшто најмал дел од граѓаните го користат за да се информираат.

Телевизијата е позначаен извор на информации за помалку образованите луѓе, заклучува АВМУ.

„Односот помеѓу бројот на публиката којашто секојдневно се информира од телевизијата е обратно пропорционален со степенот на образование, односно со зголемување на степенот на образование на испитаниците се намалува учеството на оние коишто кои што се информираат од телевизијата. Состојбата е обратна кај испитаниците коишто се информираат од интернет и од печатени медиуми“ се наведува во извештајот Анализа на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на АВМУ.

Најмногу играна, најмалку културна програма

Според последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) кои се однесуваат на 2014-та година МРТВ на своите три канали емитувала 20.197 часови програма или во просек по 55 часа на ден. 10-те приватни телевизии кои зрачат на државно ниво во истиот период емитувале 81.615 часови програма на ден или во просек секоја од нив по 22.4 часа.

Податоците укажуваат дека на македонските телевизии има најмногу играна, а најмалку културна програма.

Така МРТВ во просек емитувала по 8 часа филмови и серии, по 7 часа музика, по 5 часа и 30 минути забавни емисии, речиси исто толку и спортски. За вести биле одвоени по 6 часа на ден, а за друга информативна програма по речиси 4 часа. Реклами имало по 12 минути на ден.

Состојбата кај приватните телевизии е малку поинаква. Тие во просек прикажувале по 6 часа филмови и серии, нешто над два и пол часа информативна програма, речиси исто толку и вести. Забавни емисии имало по 2 часа и 15 минути, а музика нешто под 2 часа. Приватниците просечно прикажувале секој ден по 1 час и 39 минути реклами.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП