26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРасте бројот на блокирани сметки, нови правила за извршителите од јануари

Расте бројот на блокирани сметки, нови правила за извршителите од јануари

izvrsitel

Извршителите во просек наплаќаат по околу 10 милиони евра секој месец од должниците, од граѓаните и од компаниите. Примената на новиот закон кој значително ги менува правилата требаше да почне оваа недела, но беше одложена за јануари вгодина. Во меѓувреме, за една година бројот на блокирани сметки на граѓаните и фирмите пораснал за 3.240.

Се зголемува бројот на блокирани сметки

Според најновите податоци на Народната Банка (НБРМ) кои се однесуваат на март годинава бројот на фирми и граѓани со блокирани сметки достигнал 120.533 – од нив 77.035 се физички лица, а 43.498 се правни лица.

Вкупниот број на блокирани сметки за една година се зголемил за 3.240.

Нови правила од јануари

Новите правила предвидени со новиот закон наместо од 20-ти август ќе почнат да се применуваат од 1-ви јануари. Објаснувањето за одложувањето беше дека тоа се прави на барање на компаниите кои обезбедуваат комунални услуги поради внатрешно усогласување на нивните правилници. Токму смеките за струја, вода, телефон, заостанати рати за кредити се и меѓу најчестите предмети на извршителите.

Новите павила треба да го „омекнат“ односот на извршителите кон должниците – предвидуваат засилена контрола на нивното работење, писмена опомена пред принудна наплата, вонсудска постапка за комуналните сметки, кратење на роковите за продажба на недвижностите.

Заостанатите сметки за комуналии (струја, вода, парно, телефон, каблеска) нема да одат на нотар или на суд како до сега туку директно кај извршител. Со ова треба да се избегнат дополнителните трошоци.

Јавните, комуналните и претпријатијата кои нудат други услуги ќе мора најпрвин да се обидат да го наплатат заостанатиот долг преку извршител, а дури потоа да почнат судска постапка. Со овие измени граѓаните ќе добијат можност да се раздолжат уште во првата фаза, кога нема дополнителни судски, банкарски и други трошоци.

„Често кај нас доаѓаат луѓе со блокирани сметки кои воопшто не биле известени дека се должни. На овој начин ние ќе испраќаме предупредување до нив и убедени сме дека тоа ќе функционира, бидејќи нашата достава е сигурна и таа нема да биде на товар на граѓаните. Извршителот ќе биде должен да го извести должникот и да побара до него во рок од три дена да ги достави сите податоци што се неопходни за постапката за извршување“, објаснуваше претседателот на Комората на извршители на Македонија (КИРМ), Зоран Петрески, кога беа најавени новините.

Има измени и на процедурата за продажба на недвижностите – предвидено е кастрење на роковите за утврдување на нивната вредност од страна на проценителите од 15 на 8 дена, а отстранета е и можноста за трето јавно наддавање.

Наплатени 107 милиони евра во 2015-та

Во 2015-та сите извршители заедно наплатиле 107 милиони евра, покажува годишниот извештај на Комората на извршители на Македонија (КИРМ) според кој лани имало вкупно 154.522 барања за наплата, а постапката била успешно завршена кај 52.439 случаи односно кај 33.95%.

Процесот на наплата најчесто трае подолго од една година (лани тоа биле 22.899 барања). Само 16.729 биле решени за помалку од тримесеци.

Според извештајот најмногу пари биле наплатени во Скопје – нешто над 59 милиони евра, а најмалку во Кочани, Берово, Виница и во Делчево – во сите четири града заедно нешто под 2 милиони евра. Поголемиот дел од должниците биле фирми, а значително помал граѓани.

Извршителите беа воведени пред една деценија

Извршителите беа воведени пред една деценија. За овој период наплатиле вкупно 830 милиони евра, најмногу или речиси 128 милиони евра во 2013-та, потоа по 107 милиони евра во 2014-та и 2015-та; а најмалку или 20 милиони евра во 2006-та, првата година од нивното функционирање.

Во Македонија во моментов има 99 извршители. Превидено е воспоставување на вкупно 132, оттука 35 места се непотполнети.

Вкупниот број на вработени во извршителските канцеларии лани бил 625 односно секој извршител во просек имал по нешто над 5 ангажирани помошници и дополнителен персонал.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП