26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНБРМ: Банките најзначаен фактор за одржување на финансиска стабилност во земјата

НБРМ: Банките најзначаен фактор за одржување на финансиска стабилност во земјата

nbrm

Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата осма седница на која беше разгледан и усвоен Извештајот за финансиската стабилност во Република Македонија во 2015 година, при што беше констатирано дека македонскиот финансиски систем беше стабилен и во 2015 година, и покрај надворешните и внатрешните случувања коишто ја тестираа неговата отпорност.

Во 2015 година, вкупната актива на финансискиот систем достигна 494 милијарди денари и оствари раст од 7,1% во однос на претходната година.

Главните карактеристики на финансискиот систем и понатаму се едноставната структура, слабата меѓусекторска поврзаност и отсуството на сложени финансиски инструменти и услуги.

Во последните години се забележуваат активности за комбинирање на осигурителните и банкарските производи, но обемот на овие активности е сѐ уште мал.

Ваквата поставеност и развиеност на домашниот финансиски систем се главните фактори за минимизирање на можностите за нарушување на неговата стабилност, преку прелевање на ризиците од еден во друг институционален сегмент.

Поради најголемата застапеност во финансискиот систем, банките се и најзначајниот фактор за одржување на неговата стабилност во целина, на стабилноста на останатите институционални сегменти, но и на двата клучни нефинансиски сектора, компаниите и домаќинствата. Солвентноста и ликвидноста на овој сектор се основните фактори за неговата стабилност и отпорност на надворешни и внатрешни шокови.

Главниот ризик за банките доаѓа од нивната кредитна активност, којашто оствари забавен раст во 2015 година. Во овој контекст, значителното забавување на растот на нефункционалните кредити предизвика намалување и на нивното учеството во вкупните кредити на банките на 10,8%, додека ризиците коишто доаѓаа од нивото на нефункционалните кредити беа дополнително намалени и заради високата покриеност на овие кредити со исправка на вредноста издвоена за нив. Одделни банки покажуваа мала ранливост на претпоставените шокови и хипотетичка потреба од докапитализација или ликвидносна поддршка.

Пензиските фондови и осигурителниот сектор и натаму растат засилено, но поради малиот обем на овие институционални сегменти, ризикот од прелевање на ризиците од банкарскиот сектор  ̶  преку вложените депозити во банките  ̶  е сѐ уште ограничен.

И во 2015 година штедилниците, инвестициските фондови, друштвата за лизинг и финансиските друштва имаа речиси незначително учество во вкупната актива на финансискиот систем, а со тоа и врз неговата стабилност. И функционирањето на пазарот на пари и краткорочни хартии од вредност и на пазарот на капитал веќе подолг временски период се одвиваа без поголемо влијание врз финансиските текови во земјата.

На денешната седница, Советот го разгледа и Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во првиот квартал од 2016 година, при што беше констатирано дека по релативно високиот раст на банкарските активности со корпоративниот сектор во декември 2015 година, веќе во наредниот месец следеа сосема спротивни движења на пад на кредитната поддршка за нефинансиските друштва, проследен со позначително намалување на корпоративните, трансакциски и краткорочни депозити, поради што истовремено се наруши и неколкугодишниот тренд на постојана денаризација на депозитите кај банките.

И покрај тоа, квалитетот на кредитното портфолио на банкарскиот систем се задржа на високо ниво, а учеството на нефункционалните во вкупните кредити на 31 март 2016 беше 10,9%, што претставува само минимално зголемување, коешто главно беше поттикнато од корпоративните кредити. Соодветно на ова, во првиот квартал од 2016 година показателите на солвентноста и капитализираноста на банките забележаа извесно зголемување, што најмногу произлегува од намалувањето на кредитните активности и зголемувањето на вложувањата во државните записи, при речиси непроменет износ на сопствените средства.

Во споредба со крајот на 2015 година, отпорноста на банките кон претпоставените шокови поврзани со кредитниот ризик се зголеми, а останатите ризици имаа мало значење, со оглед на ниската веројатност за остварување на валутниот ризик и сѐ уште незначителната изложеност на ризикот од промена на каматните стапки во портфолиото на банкарски активности.

На денешната седница Советот го разгледа и Кварталниот извештај за вториот квартал од 2016 година при што беше констатирано дека и покрај индикациите за можни отстапувања во однос на основното сценарио од априлската проекција кај некои клучни варијабли за монетарната политика, оцените за здравоста на економските фундаменти и понатаму се позитивни.

Податоците за економската активност упатуваат на натамошен раст, но побавен во однос на досегашните остварувања. Последните податоци за депозитната база на банките и побарувачката на девизи на менувачкиот пазар укажуваат на постепено стабилизирање на очекувањата и довербата на економските субјекти, коишто се разнишани од домашната политичка нестабилност.

Девизните резерви и понатаму се одржуваат на соодветното ниво, и покрај негативниот шок во вториот квартал, кога се пролонгира разрешницата на домашната политичка криза, којашто се прелеа во домашната економија.

Ризиците за економијата и натаму се оценуваат како неповолни и главно се поврзани со домашната политичка криза, а присутни се и надворешните ризици на кои беше посочено во априлската проекција. Нов ризик во овој контекст претставува референдумското гласање на Обединетото Кралство за излез од Европската Унија, што би можело да има неповолни последици за британската и европската економија. Имајќи го сето ова предвид, Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи движењата и доколку е потребно, ќе направи дополнителни промени во монетарната политика за успешно остварување на законски поставените цели.

Советот на Народната банка на Република Македонија, врз основа на предвидениот распоред и динамика на активностите, ги усвои и Одлуката за издавање и Одлуката за пуштање во оптек на кованата пара за колекционерски цели „Владимирска“ од серијата „Икони на Пресвета Богородица“, со апоен од 1000 денари во количина од 500 парчиња, Одлуката за издавање и Одлуката за пуштање во оптек на кованата пара за колекционерски цели „Мајка Тереза“, со апоен од 100 денари во количина од 5000 парчиња, како и одлуките за издавање и одлуките за пуштање во оптек на кованите пари за колекционерски цели „Година на петелот – петел со ангел“ и „Година на петелот – ветроказ со петел“,  со апоен од 100 денари во количина од 5000 парчиња.

Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП