26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРаст на индексите на Волстрит

Раст на индексите на Волстрит

wall stre 33

Dow Jones и S&P 500 индексите на Волстрит во среда порасна, бидејќи инвеститорите констатираа дека американската централна банка, Федералните резерви (Фед) нема да брза со зголемувањето на каматите.

Nasdaq индексот ослабе 0,51 отсто на 4.863 бодови заради остриот пад на цените на акциите на Apple.

Dow Jones зајакна 0,28 отсто на 18.041 поени, додека S&P 500 порасна 0,16 отсто на 2.095 бодови.

Најмногу пораснаа цените на акциите во комуналниот и телекомуникацискиот сектор, кои обично растат кога се очекува дека каматните стапки ќе бидат ниски.

Челниците на Фед по дводневна седница, ги оставиле клучните каматни стапки непроменети, како што се очекуваше.

Во соопштението порачаа дека ситуацијата на американската берза на трудот се подобрила, но дека растот на економијата забавил.

Од Фед наведоа дека внимателно го следат движењето на инфлацијата и развојот на глобалната економска и финансиска ситуација.

Аналитичарите од тоа заклучиле дека челниците на Фед се позитивни по прашањето на американската економија и дека е оставена можност за зголемување на каматите во јуни.

Повеќето од нив сепак проценуваат дека Фед нема да ја зголеми цената на парите пред септември заради забавувањето на растот на економијата. Тоа значи дека продолжува периодот на евтини пари, што е позитивно за пазарот на капитал.

„Фед зазема нешто поцврст став отколку во претходното соопштение, но во тоа нема ништо што би требало да го загрижи пазарот“, рече портфељ менаџерот фондот The Boston Company Asset Management, Џон Баилер.

Nasdaq индексот се најде под притисок на падот на цената на акциите на Apple за повеќе од шест отсто.

Ден претходно, овој технолошки гигант објави дека остварил прв пад на кварталните приходи на годишно ниво во последните 13 години, што е последица на првиот пад на продажбата на iPhone од 2007 година, кога на пазарот беше лансиран првиот модел од овој паметен телефон.

Со тоа Apple се придружи на другите технолошки гиганти, како Google и Microsoft, кои исто така во првото тромесечје оствариле послаби резултати од очекуваното.

Facebook го прекина тој тренд, објавувајќи поголем од очекуваниот раст на приходите и добивката, па по затворањето на берзите во продолженото тргување цените на акциите на ова социјална мрежа скокна за повеќе од осум отсто.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП