26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААНАЛИЗА: органска храна – кој е ќарот за земјоделците, кој е ефектот...

АНАЛИЗА: органска храна – кој е ќарот за земјоделците, кој е ефектот за купувачите

org

Надлежните тврдат дека во Македонија има постојано зголемување на производството на органска храна, но бројките од Државниот завод за статистика (ДЗС) како да ги демантираат. И покрај големите субвенции за овој земјоделски сектор производителите се жалат на проблеми особено со пласманот.

Проблем: организирано производство, неорганизиран пласман

Македонците се уште имаат ниска свест во однос на здравата храна, стандардот си го прави своето, па повеќе се гледа цената, а помалку квалитетот.

Ова предизвикува проблем за органските производители. Ако немаат однапред договорен извоз, она што ќе остане на домашниот пазар најчесто завршува на купче со конвенционалната храна.

„Кај потрошувачите има интерес за органски производи, но финансиите најчесто го имаат последниот збор… Се придржуваме до органското производство. Не прскаме, не ставаме вештачко ѓубре. Но, главен проблем ни е неорганизираниот пласман. Не можеме на пазарот да излеземе со органско киви, туку го пласираме како конвенционално. Увозот ни го руши пазарот“ вели Ѓурга Трајкова, органски производител од село Дражево, струмичко.
И покрај предизвиците Трајкови домашниот бизнис за органски киви што го почнале кога сопругот, дипломиран шумарски инженер, останал без работа, го прошириле и со одгледување аронија, но и со расад за двете култури.

Според надлежните раст, според статистичарите опаѓање

Надлежните тврдат дека во Македонија има постојано зголемување на органското производство, но бројките од Државниот завод за статистика (ДЗС) како да ги демантираат.

„Македонија последниве години во континуитет го зголемува органското производство. Владините политики во овој сегмент и проектираната дополнителна поддршка даваат резултат. Полека се менуваат и навиките на потрошувачите, нивниот вкус. Тие се повеќе бараат и знаат да препознаат домашни, органски земјоделски производи“ изјави неодамна директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски.

Сепак, според последните податоци од ДЗС во 2014-та во земјава имало само 2.359 хектари или 0.46% од вкупните обработливи површини со сертификат за органско земјоделство што претставува намалување една четвртина во однос на 2013-та година.

Повисоки субвенции за органските производители

Државата дава голема поддршка за органското производство. Тоа во просек добива до 30% повисоки субвенции од примарното.

Најголема стимулација има за органските градинари – до 70% и за лозарите и овоштарите до 100% повеќе од конвенционалните производители.

Половината од трошоците за сертификатот за органски производи ги покрива државата, по 3.500 денари за хектар следуваат и за зеленото ѓубриво.

Откупувачите, трговците  и извозниците се поддржуваат со дополнителни 5% од вредноста на продадените производи.

Што е органски производ?

За еден производ да се смета за органски треба да има сертификат, а за да го добие треба да исполнува строги услови: не смее да содржи никакви вештачки и хемиски состојки, тие не смеат да се користат ниту за ѓубрење на почвата ниту за заштита од штетници, има и многу строги ограничувања во примената на антибиотици кај добитокот и на адитиви и конзерванси во конечниот производ, апсолутно е забранета употребата на генетски модифицирани организми, површината на која се одгледува најмалку две претходни години не смее да биде третирана со недозволени препарати и мора да има јасно означени граници односно растенијата да се заштитени од можна контаминација од препаратите кои се користат на соседните површини.

Целиот процес е строго контролиран и потоа секој органски производ добива сертификат за квалитет и потекло.
Називите „органски“, „биолошки“ и „еколошки“ се синоними.

Секоја земја се определува за еден од називите или кратенка која се користи во праксата.

Велика Британија, САД, Австралија, Босна и Херцеговина, Албанија и Србија во законската регулатива и пракса го користат називот органски производ, исто како во Македонија.

Во Унгарија, Хрватска, Шпанија, Данска и Шведска се користи изразот еколошки производ.

Терминот биолошки производ се употребува во Германија, Холандија, Франција, Италија, Португалија и Грција.

Со ознаката „Деметер” се обележува биодинамички производ при чие производство освен методите за органско производство се користат и биодинамички препарати и се земаат предвид вселенските влијанија.

Она што има сертификат е сигурно и дефинитивно органско

За да се добие сертификат за органско производство треба да се поминат повеќе процедури и контроли, а и во текот на целиот процес се прават проверки, велат агро инженерите.

„Регулативите во овој сегмент се усогласени со европските, а Македонија постојано работи и на надградба на капацитетите на институциите. Верувам во контролите што ги вршат инспекциските служби кои досега покажаа дека нема отстапување, дека она што е декларирано како органско е и навистина такво, ги исполнува условите“ објаснува деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна, проф. д-р Драги Димитриевски.

Кратка историја на органското производство во Македонија

Органските производи во Македонија се појавуваат пред помалку од две децении.

Првиот чекор го прави „Алкалоид“ во 97-та кога почнува да прави органски чаеви од собрани самоникнати растенија.

Следната година 5 земјоделци почнуваат да ги практикуваат правилата за вакви производи и да ги пласираат на однапред познати купувачи.

Првиот Закон за органско производство беше донесен во 2001-та кога беа основани и првите здруженија на органски производители. По ова следеше утврдувањето на подзаконски акти и правилници кои ја регулираат оваа дејност.

Во 2006-та е одржана е првата манифестација „Ден на органското производство“.

Во 2010-та почна да се спроведува Национална кампања за промоција за органското земјоделско производство.

Светски искуства – Данска водечка држава

Данска најмногу вложува во органско производство. Само лани преку буџетот биле исплатени 53 милиони евра за поттикнување на земјоделците да се преориентираат кон природните начини. Целта на државата е до 2020-та да стане 100% органска.

Акцискиот план кој веќе е усвоен предвидува веќе од оваа година храната во јавните институции како училиштата и болниците да биде 60% органска, а кај војската и 100%.

Во Лихтенштајн веќе 27% од пазарот зазема органската храна, а во Австрија 20%.

Меѓу најголемите производители се и Австралија, како и Шпанија и Италија, каде што најмногу се произведуваат овошје и зеленчук, а најголем потрошувач на оваа храна во Европа е Германија.

Индија, пак, е прва по бројот на органски земјоделци што и не е чудно ако се земе предвид бројот на населението на земјата. Сепак, таму има дури 500.000 регистрирани органски производители.

Како органските производи влијаат на здравјето?

Органските производи не содржат никакви хемикалии, пестициди, адитиви и други вештачки средства, а имаат повеќе природни хранливи состојки како природни шеќери, витамин Ц, антиоксиданси и поголеми количини минерали како калциум, магнезиум и железо.

Организмот може повеќето токсини со кои доаѓа во контакт, но проблемот е во тоа што денес тие користат десетици пати повеќе отколку пред пет – шест децении. Тие во храната не доаѓаат само директно како ѓубрива и пестициди туку и преку воздухот и водата. Тоа предизвикува „токсична предозираност“ кога телото не може да постигне навреме да се ослободи од сите отрови кои ги добива.

Органската храна го враќа природниот баланс кој е нормален за самиот организам а со тоа има позитивно влијание на целокупната состојба на телото.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП