Да најдеш добро сирење по пристојна цена станува сè потешка работа. Во маркетите има од сè по нешто, кравјо, овчо, мешано, вакуумирано, на мерење, домашно и индустриско, ама кога ќе се погледнат цените, на многумина им се расипува меракот.
За килограм кравјо сирење најчесто треба да се издвојат меѓу 400 и 550 денари, додека за одредени видови овчо сирење цената оди и до 770 денари. Има и поевтини варијанти, но купувачите што бараат и добар вкус и солиден квалитет мораат добро да ги разгледаат рафтовите.
Понудата во македонските маркети покажува големи разлики во цените, дури и кога станува збор за ист вид сирење. Така, килограм кравјо сирење во одредени продажни места може да се најде за околу 315 денари, додека во други цената достигнува 440 денари. Разликата е повеќе од 120 денари, сума што не е занемарлива за домаќинствата што секојдневно внимаваат на трошоците.
Најголем дел од кравјите сирења се продаваат по цени меѓу 400 и 550 денари за килограм. Мешаното сирење најчесто е нешто поскапо, а во зависност од составот и начинот на производство, цената може да надмине и 500 денари. Купувачите што сакаат да заштедат најчесто ги следат акциите, бидејќи истиот вид сирење во два различни маркета може да има значително различна цена.
Уште поскапа е приказната со овчото сирење. Во дел од скопските продавници цената на поквалитетните видови достигнува 770 денари за килограм, додека други се продаваат за 525 или 620 денари. Сепак, постојат и поевтини понуди, па одредени пакувани овчи сирења можат да се најдат за нешто над 400 денари. Разликите зависат од потеклото, составот, процентот на млечна маст и од тоа дали сирењето е купено на мерење или во фабричко пакување.
За четиричлено семејство што троши по два килограма сирење неделно, сметката може да биде прилично висока. Ако килограм чини 500 денари, само за сирење месечно ќе заминат околу 4.000 денари. Ако семејството избира поскапо овчо сирење, трошокот дополнително расте. А сирењето е само една ставка во фрижидерот, покрај млекото, јогуртот, јајцата, месото и останатите производи.
На зелените пазари ситуацијата е нешто поинаква. Домашното кравјо сирење во одредени градови се нуди за околу 400 денари, додека козјото може да се најде и за 350 денари, зависно од количината и начинот на продажба. Кај домашните производители цените зависат од трошоците за производство, количината на добиено млеко и сезоната. Купувачите, пак, најчесто се водат од вкусот и претходното искуство.
Сточарите укажуваат дека високата продажна цена на сирењето не значи и висока заработка за оној што го произведува млекото. Тие со години се жалат на ниските откупни цени, скапата сточна храна и зголемените трошоци за одржување на фармите.
„Ќе дојде народот да страда за едно парче сирење и кашкавал и еден литар млеко“, предупреди еден од домашните сточари, посочувајќи на големата разлика меѓу откупните и малопродажните цени.
Дополнителен притисок создаваат и растечките трошоци во земјоделството. Според податоците на Државниот завод за статистика, во септември годинава средствата што се користат во земјоделското производство поскапеле за 8,8 проценти во споредба со истиот месец лани. Во истиот период цените на земјоделските производи пораснале за 2,3 проценти, додека кај добиточното производство е забележан пад од 2,1 процент.
Економистите посочуваат дека крајната цена на млечните производи зависи од повеќе фактори, меѓу кои откупната цена на млекото, трошоците за преработка, транспортот, електричната енергија и трговските маржи. Затоа поскапувањето на сирењето не може да се објасни само со еден трошок.
Познавaчите на пазарот советуваат при купувањето да се проверуваат составот, процентот на млечна маст и вистинската тежина на пакувањето. Поевтиното сирење не мора да биде неквалитетно, исто како што повисоката цена не гарантира подобар вкус.
Затоа, сè поголемо значење добиваат неделните акции и споредувањето на цените. Разликата од стотина денари за килограм можеби не изгледа голема при едно пазарење, но за семејствата што редовно купуваат сирење, на крајот од месецот и тоа како се чувствува.
Б.З.М.