МАКЕДОНИЈА

Ви дадоа отказ, а парите ги заборавија? Еве кога газдата мора да ви исплати отпремнина

Работите со години во иста фирма, редовно доаѓате на работа, ги исполнувате обврските, а еден ден газдата ве повикува во канцеларија и ви соопштува дека повеќе нема потреба од вашето работно место. Фирмата кратела трошоци, немало доволно работа или се правела реорганизација. Ви подаваат решение за отказ и толку.

Но, не оди баш така. Во Македонија постојат јасни законски правила кога работодавачот мора да му исплати отпремнина на работникот, а сумата во одредени случаи може да достигне и седум месечни плати.

Според Законот за работните односи, отпремнината е задолжителна кога работникот добива отказ од деловни причини. Тоа значи дека фирмата го укинува работното место поради технолошки, економски или организациски промени, односно кога повеќе нема потреба од одреден број работници.

Правните познавачи посочуваат дека тука постои важна разлика. Не секој отказ автоматски носи право на отпремнина. Доколку работникот сам си замине или добие отказ поради прекршување на работните обврски, по правило, нема право на ваков надоместок.

Колку пари треба да добие работникот?

Членот 97 од Законот за работните односи точно пропишува колку изнесува отпремнината, во зависност од годините поминати во работен однос кај работодавачот.

За работник со стаж до пет години следува една нето плата. За стаж од пет до десет години следуваат две и пол нето плати, а за стаж од десет до 15 години, три и пол плати.

Оние што работеле од 15 до 20 години имаат право на четири и пол нето плати, додека за стаж од 20 до 25 години следуваат шест плати. Работниците со повеќе од 25 години стаж кај работодавачот имаат право на седум нето плати.

Да земеме конкретен пример. Работник во скопска компанија има просечна нето плата од 40.000 денари и 12 години работен стаж во фирмата. Доколку добие отказ како технолошки вишок, му следуваат 140.000 денари отпремнина.

Ако истиот работник има 22 години стаж, сумата би изнесувала 240.000 денари.

Економските аналитичари укажуваат дека при пресметката не се зема само последната исплатена плата, туку просекот од последните шест месеци пред отказот. Притоа, законската основица не смее да биде пониска од половина од просечната нето плата во државата за последниот месец пред отказот.

Газдата не може да ви каже да се откажете од парите

Особено важна е одредбата според која отпремнината мора да биде исплатена на денот кога престанува работниот однос.

Законот е јасен и за евентуалните договори меѓу газдата и работникот. Во членот 97 изречно стои дека барањето или давањето согласност за откажување од правото на отпремнина се ништовни.

Со други зборови, работодавачот не може законски да се ослободи од оваа обврска со документ во кој работникот се откажува од парите.

Правните познавачи предупредуваат дека работниците треба внимателно да ги читаат документите што им се нудат за потпишување, особено кога наместо отказ од деловни причини им се предлага спогодбено раскинување на работниот однос.

А што кога работникот оди во пензија?

Посебни правила важат при пензионирање. Во приватниот сектор, Општиот колективен договор предвидува отпремнина во висина од две просечни месечни нето плати по работник исплатени во државата во последните три месеци.

И во јавниот сектор е предвидена отпремнина при пензионирање, при што се применуваат соодветните колективни договори и прописи.

Постои и случај кога работникот самиот го откажува договорот, но сепак има право на испратнина. Членот 100 предвидува таква можност кога работодавачот сериозно ги прекршува своите обврски, на пример, не исплаќа плати во законските рокови, под пропишаните услови и по претходно писмено предупредување.

Ако отпремнината не е исплатена, работникот може да побара заштита на своите права, вклучително и преку надлежниот суд.

Затоа, пред да го потпише решението и да ја напушти фирмата, работникот треба да провери што точно пишува во документот. Дали станува збор за технолошки вишок, спогодбен отказ или нешто трето. Од тие неколку реченици може да зависи дали ќе си замине само со последната плата или со уште неколку плати на својата сметка.

Б.З.М.