Банката „UBS“објави нето-добивка за третото тримесечје, која во голема мера ги исполни очекувањата на аналитичарите, и најави забрзување на програмата за откупување сопствени акции. Сепак, банката продолжува да изразува загриженост поради новите капитални барања што се разгледуваат во Швајцарија, објави „Reuters“.
Нето-добивката на најголемата швајцарска банка изнесува 2,69 милијарди долари, што претставува раст од осум проценти на годишно ниво. Резултатот е близок до очекуваните 2,71 милијарда долари, според консензус-прогнозата што ја објавила компанијата.
„UBS“ во текот на тримесечјето откупила сопствени акции во вредност од 1,8 милијарди долари. Банката планира да ја заврши програмата за откупување акции, вредна вкупно три милијарди долари, во февруари, наместо до средината на 2027-ма година, како што претходно беше најавено.
Големината и темпото на откупувањето се поврзани со исходот од преиспитувањето на швајцарските банкарски правила, започнато по колапсот на „Credit Suisse“ во 2023-та година и итното преземање на банката од страна на „UBS“, организирано со поддршка на државата.
Од банката наведуваат дека расположението на инвеститорите и понатаму е умерено поради макроекономската нестабилност, геополитичките тензии и политичката неизвесност.