Штедењето традиционално се смета за една од најголемите финансиски доблести. Тоа се поврзува со дисциплина, одговорност и грижа за иднината. Уште од најрана возраст учиме дека е подобро да се заштеди отколку да се потроши и дека финансиската сигурност се гради преку акумулирање средства за идните потреби.
Но, што навистина претставува штедењето?
Од економски аспект, штедењето не е спротивност на трошењето. Тоа е трошење поместено во иднината. Парите што денес не ги користиме за потрошувачка, ги чуваме со намера во одреден момент да ги искористиме за купување добра, услуги, инвестиции или за обезбедување поголема финансиска сигурност. Дури и кога средствата остануваат неискористени до крајот на животот, тие најчесто преминуваат во наследство и повторно стануваат дел од идната потрошувачка.
Во таа смисла, штедењето не е крајна цел. Тоа е само временска трансформација на потрошувачката.
Проблемот настанува кога штедењето нема јасна цел. Парите се тргаат настрана со години, понекогаш и со децении, без прецизен план кога и за што ќе бидат искористени. Наместо средство за остварување конкретни финансиски цели, штедењето постепено станува навика само по себе.
Во меѓувреме, економската реалност се менува.
Инфлацијата е тивок, но исклучително моќен противник на штедењето. Таа не ја намалува номиналната вредност на парите, туку нивната куповна моќ. Истата сума што денес може да купи одредена количина добра и услуги, по десет или дваесет години ќе купува значително помалку.
При просечна годишна инфлација од околу 3%, куповната моќ на парите се преполовува за приближно 24 години. Тоа значи дека 10.000 евра денес, по две и пол децении, би имале куповна моќ еквивалентна на околу 5.000 евра во денешни цени. Во еврозоната долгорочната инфлација традиционално се движи околу 2%, но искуството од последните години покажа дека ценовните шокови можат значително побрзо да ја намалат куповната моќ на парите.
Оттука, произлегува важна разлика помеѓу чување пари и зачувување вредност. Првото е релативно едноставно. Второто бара активен пристап и финансиски одлуки кои овозможуваат принос што долгорочно ќе ја надмине инфлацијата.
Оние кои располагаат со поголем капитал одамна ја разбираат оваа логика. Затоа нивните средства ретко мируваат. Тие се насочуваат кон акции, обврзници, недвижности, инвестициски фондови или сопствени бизниси. Целта не е само да се зачува номиналната сума, туку да се зачува и зголеми нејзината реална вредност.
Од друга страна, голем дел од домаќинствата сe уште ги чуваат заштедите во банкарски депозити или во готовина. Тоа обезбедува чувство на сигурност, но не секогаш и заштита од инфлацијата. Кога приносот од заштедите е понизок од растот на цените, реалната вредност на парите постепено се намалува, иако износот на сметката останува ист.
Разликата меѓу штедење и инвестирање најдобро се гледа низ времето. Средства кои со години остануваат во инструменти со минимален принос постепено ја губат својата реална вредност, додека средствата вложени во диверзифицирани инвестициски инструменти имаат потенцијал не само да ја зачуваат, туку и да ја зголемат куповната моќ.
Сепак, и покрај ова, многумина и понатаму избираат класично штедење наместо инвестирање. Причините не се само економски, туку и психолошки. Истражувањата во бихејвиоралната економија покажуваат дека за повеќето луѓе болката од загубата е посилна од задоволството од еднаква добивка. Затоа, многумина ја избираат сигурноста дури и кога таа носи одреден трошок. А тој трошок најчесто се манифестира преку постепено намалување на куповната моќ на заштедите.
На ова се надоврзуваат и ограничената финансиска писменост, недоволната запознаеност со инвестициските инструменти, негативните искуства од минатото и недовербата во институциите. Резултатот е општество кое вредно штеди, но често дозволува неговите заштеди со текот на времето да ја губат својата вредност.
Но, постои уште една димензија на ова прашање, која ретко се вклучува во економските анализи.
Парите немаат иста вредност во секој период од животот. Нивната вредност не се определува само преку инфлацијата или приносот што го носат, туку и преку можностите што ги создаваат во одреден момент. Некои можности во животот имаат ограничен рок. Времето поминато со семејството, патувањата, образованието и личниот развој не можат секогаш да се одложат за некој неодреден момент во иднината.
Ова не е аргумент против штедењето. Напротив, финансиската резерва претставува основа на личната и семејната стабилност. Но, постои суштинска разлика помеѓу штедење со јасна цел и акумулирање средства од навика, страв или неизвесност.
Финансиската мудрост не се состои ниту во безгрижно трошење, ниту во бесконечно собирање пари. Таа се состои во пронаоѓање рамнотежа помеѓу сигурноста за утре и квалитетот на животот денес.
На крајот, суштинското прашање не е колку сме заштедиле, туку дали нашите пари навистина работат за нас или ние цел живот работиме за нив. На крајот, не е најважно колку сме заштедиле, туку што ни овозможиле тие заштеди. Затоа најголемиот предизвик не е само да се штеди, туку мудро да се одлучи кога да се чува, кога да се инвестира и кога заштедите да се претворат во можности, сигурност и подобар квалитет на живот.
Проф.д-р Весна Георгиева Свртинов



