Стопанска банка АД Скопје во периодот 01.01-30.09.2026 работеше согласно усвоениот план за 2026 година и продолжи со остварување солидни резултати и висока профитабилност. Добивката пред оданочување во анализираниот период изнесува 2.746.292 илјади денари и во однос на истиот период од минатата година е пониска за 18 %, првенствено како резултат на намалените каматни стапки, регулаторните и пазарните услови, како и одредени еднократни ефекти кои се случиле во текот на 2025 година, а не се присутни во 2026.
Нето-приходите од камати изнесуваат 3.853.567 илјади денари и се намалени за 7 % во однос на истиот период од минатата година, како резултат на трендот на намалување на каматните стапки поради промените во референтните каматни стапки и соодветното прилагодување согласно конкурентните движења. Притоа најголемо учество имаат каматните приходи од кредитни активности, каматните расходи на депозитите поради зголемување на салдата, како и трансфер на значителен износ од сметки по видување во категорија на орочени депозити. Како компензаторен механизам се каматните приходи од позициите за ликвидност (меѓубанкарски пласмани, депозити и вложувања во хартии од вредност), кои поради зголемување на салдата, придонесоа со поголеми каматни приходи.
Нето-приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 815.602 илјади денари и се зголемени за 38 % во однос на анализираниот период од 2025 година, пред сè како резултат на намалените трошоци за провизии кои ги наплатуваат добавувачите на соодветните сервиси. Најголем придонес за растот имаат намалените провизии и трошоци од картичните трансакции, остварени како резултат на ексклузивното партнерство со еден картичен провајдер.
Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 147.331 илјади денари и се приближно на исто ниво во однос на анализираниот период од минатата година.
Останатите приходи од дејноста изнесуваат 469.047 илјади денари и се пониски во однос на истите од 2025 година поради одреден еднократен настан во 2025.
И покрај сè уште присутните инфлаторни притисоци и ценовни флуктуации, Банката продолжува со оперативна ефикасност во однос на контролата на трошоците од работењето. Притоа останатите расходи од дејноста и трошоците за вработени изнесуваат 856.321 илјади денари и 1.049.093 илјади денари, респективно и се малку повисоки во однос на истиот период од претходната година, пред сè, како резултат на инфлаторните движења и промените во пазарните цени.
Одржувањето на квалитетот на кредитното портфолио и управувањето со кредитниот ризик е во приоритетните цели на Банката. Оттука, заклучно со крајот на третиот квартал од 2026 година, Банката издвои исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансна изложеност, на нето-основа, во износ од 491.205 илјади денари.
Финансискиот извештај можете да го погледнете тука.