МАКЕДОНИЈА

Стан на ден или месечна кирија – како се заработува повеќе во Скопје?

Издавањето стан во Скопје може да донесе солидна месечна заработка, но сè повеќе сопственици се соочуваат со дилемата дали да го издадат станот на подолг период или да се обидат да заработат повеќе преку краткорочно сместување, попознато како „стан на ден“.

Разликата во приходите на прв поглед изгледа голема. Стан што месечно се издава за 350 евра може да донесе и двојно повеќе преку дневни резервации. Но, кога ќе се пресметаат сите трошоци, математиката изгледа поинаку.

Во Скопје, особено во Центар, Аеродром и Карпош, месечните кирии за помалите станови најчесто се движат од 250 до 450 евра, зависно од локацијата, квадратурата и опременоста. Според актуелните податоци, медијалната месечна кирија во главниот град изнесува околу 355 евра.

Од друга страна, краткорочното издавање овозможува сопственикот да наплаќа за секое ноќевање. За стан што се нуди по 40 евра дневно, со 20 резервирани ноќевања месечно, бруто-приходот би изнесувал 800 евра. Тоа е повеќе од двојно во споредба со класичната кирија од 350 евра.

Сепак, тие 800 евра не завршуваат сите во џебот на сопственикот.

Познавачите на пазарот на недвижности посочуваат дека краткорочното издавање бара постојани вложувања. Чистење по секој гостин, перење постелнина, сметки за струја и вода, интернет, средства за хигиена, поправки и провизии за платформите преку кои се резервира сместувањето.

„Кога издавате стан на ден, вие практично водите мал бизнис. Имате тековно одржување, инвестициони трошоци, даноци и плаќање на платформите преку кои се рекламирате“, објаснува проценител на недвижности, кој нагласува дека заработката не смее да се пресметува само според цената на ноќевањето.

Според неговата пресметка, кога ќе се одбијат трошоците и ќе се земе предвид дека станот не е постојано резервиран, заработката од дневно издавање може да биде за 10 до 20 проценти повисока од долгорочниот закуп. Но, обврските се значително поголеми.

„Може повеќе да се заработи, но има многу повеќе работа. Разликата од 20 проценти не е мала, само прашање е колку време треба да вложите“, посочува проценителот.

За сопственик што има стан во центарот на Скопје, во близина на плоштадот, клиниките или поголемите деловни објекти, краткорочното издавање може да биде привлечно. Потенцијални гости се туристи, деловни посетители, но и граѓани од другите градови кои доаѓаат во главниот град на неколку дена.

Слична можност постои и во Охрид, каде што летната туристичка сезона може да донесе поголем број резервации. Меѓутоа, надвор од сезоната, сопствениците мора да сметаат и на периоди кога станот ќе остане празен.

Економската пресметка покажува дека стан што се издава месечно за 350 евра носи 4.200 евра годишно, доколку закупецот редовно плаќа и нема прекин на договорот.

За истиот стан, ако дневното издавање чини 40 евра, потребни се околу девет резервирани ноќевања месечно за да се достигне истиот бруто-приход. Но, за истата заработка по одбивањето на дополнителните трошоци, потребни се повеќе ноќевања.

Тука е и ризикот од оштетувања. При месечен закуп, сопственикот најчесто има договор и депозит. Кај краткорочното издавање, низ станот можат да поминат десетици различни гости, а секое оштетување значи дополнителен трошок.

Не треба да се заборават ниту законските обврски. Во Македонија, приходите од издавање недвижности подлежат на оданочување, а туристичкото сместување носи и посебни обврски во зависност од начинот на работа.

За сопствениците што не сакаат секојдневно да се занимаваат со резервации, чистење и комуникација со гости, месечниот закуп останува поедноставната варијанта. Киријата пристигнува еднаш месечно, трошоците полесно се планираат, а станот не бара постојана грижа.

Кај издавањето на ден заработката може да биде поголема, особено на добра локација и со редовни резервации. Но, еден месец станот може да биде речиси целосно пополнет, а следниот да има само неколку гости. Затоа сопствениците, пред да ја одредат цената на ноќевањето, треба да пресметаат колку денови реално можат да го издадат станот и колку ќе им остане откако ќе ги платат сите сметки.

Б.З.М.