„SpaceX“ објави дека планира да инвестира повеќе од 74 милијарди долари во два суперкомпјутерски комплекса – објектот „Starbase“ во Тексас и кампусот во округот Кочис, во американската сојузна држава Аризона.
Со ова компанијата ги проширува своите амбиции во областа на вештачката интелигенција, паралелно со активностите во ракетната и сателитската индустрија.
Сегментот за вештачка интелигенција на компанијата, предводена од Илон Маск, која излезе на берзата во јуни, генерирал повеќе од половина од нејзините приходи во третото тримесечје. Тоа покажува колку далеку се прошириле нејзините активности надвор од ракетната индустрија и сателитскиот интернет-сервис „Starlink“.
„SpaceX“ очекува да потроши повеќе од 24 милијарди долари за објектот „Starbase“ и околу 50 милијарди долари за кампусот во Аризона, се наведува во соопштението на компанијата.
За изградбата на кампусот во Аризона, за кој е потребно одобрение од властите во округот Кочис, се очекува да бидат отворени околу 5.500 работни места, додека по завршувањето на проектот ќе има 1.000 постојани работни места.
Од „SpaceX“ соопштија дека соработуваат со локалните електроенергетски кооперативи и дека проектот би можел да ги намали сметките за електрична енергија на нивните членови за дури 20 отсто. Компанијата наведува дека кампусот ќе користи систем за суво ладење и дека не планира индустриско користење на подземните води.
Сепак, проектот наидува на одреден отпор. Петиција со 2.400 потписи ги повикува властите да не дадат дозвола за изградба, а за декември е закажана јавна расправа на ниво на округот.
Комплексот „Starbase“ ќе произведува сопствена електрична енергија, наместо да се снабдува од јавната електропреносна мрежа.
Во соопштението на градската администрација објавено оваа недела беа претставени плановите за изградба на гасна електрана и суперкомпјутерски центар на површина од околу 444 акри, односно приближно 180 хектари.
На 9-ти декември Комисијата на градот „Starbase“ ќе разгледува предлог за намалување на данокот на недвижности за проектот.
„SpaceX“ соопшти дека проектот во Тексас досега отворил повеќе од 3.000 работни места во градежништвото, а по започнувањето со работа ќе обезбеди над 500 постојани работни места.