КОМПАНИИ

Добивката на „Wizz Air“ падна за 67 отсто поради растот на цените на авионското гориво

Нето-добивката на „Wizz Air Holdings Plc“ во првото полугодие се намалила за 67 отсто, главно поради наглиот раст на цените на нафтата.

Нискобуџетната авиокомпанија очекува горивото да остане најголем предизвик и во послабиот зимски период, пишува „Bloomberg“.

Авиокомпанијата со седиште во Унгарија остварила нето-добивка од 108,1 милион евра во првото полугодие од финансиската година, во споредба со 323,5 милиони евра во претходната финансиска година.

Приходите на превозникот се зголемиле за речиси 14 отсто на годишно ниво, надминувајќи 2,8 милијарди евра. Бројот на превезени патници пораснал за повеќе од 26 отсто, достигнувајќи 461 милион. Искористеноста на капацитетите на авионите изнесувала 92,5 отсто, покажува финансискиот извештај.

Авиокомпанијата прогнозира зголемување на капацитетот, измерен преку расположливите седиште-километри (ASK), за околу 12 отсто на годишно ниво, додека бројот на понудени седишта треба да се зголеми за приближно 19 отсто.

Се очекува коефициентот на исполнетост на авионите да се намали за низок едноцифрен процент, додека приходите по расположлив седиште-километар во периодот од октомври до декември 2026-та година треба да се зголемат за едноцифрен процент.

За целата финансиска година, која завршува во март 2027-ма година, компанијата прогнозира зголемување на трошоците по единица капацитет без гориво (ex-fuel CASK) за среден едноцифрен процент во споредба со претходната година.

„Wizz Air“ очекува и постепено подобрување на достапноста на авионите. На 30-ти септември 2026-та година, 22 авиона на компанијата биле приземјени поради проверки и проблеми со моторите „Pratt & Whitney GTF“.

Очекувањата се нивниот број да се намали на 15 до 20 до крајот на финансиската година, а до крајот на календарската 2027-ма година да нема авиони приземјени поради оваа причина.

Повисоките трошоци за авионско гориво ги намалуваат добивките на авиокомпаниите во овој квартал. Некои од нив ги намалуваат прогнозите, додека други ги скратуваат зимските летни редови, пишува „Bloomberg“.

„Горивото останува главната пречка“, изјави извршниот директор на „Wizz Air“, Јожеф Варади.

Како што објави „Bloomberg News“ минатиот месец, „Wizz Air“ им понудила на дел од пилотите на аеродромот „London Luton“, нејзината главна база во Велика Британија, доброволно заминување од компанијата со исплата на отпремнина.

Целта е да се намалат трошоците додека авиокомпанијата го намалува обемот на летови во послабиот зимски период.

Резултатите на „Wizz Air“ го следат трендот кај другите големи европски авиокомпании, меѓу кои „IAG SA“ и „Deutsche Lufthansa AG“, кои планираат да ги зголемат цените на билетите во текот на следната година за да ги надоместат повисоките цени на нафтата.

Од почетокот на годината акциите на „Wizz Air“ поевтиниле за околу 10 отсто.