„Peugeot“ очигледно се подготвува за различни сценарија во иднина. Францускиот производител регистрирал цела низа ознаки што би можеле да се најдат на неговите идни автомобили, од 1008 до 8008.
Како што пренесува холандското списание „AutoWeek“, увидот во регистрите на интелектуална сопственост покажал дека „Peugeot“ ги заштитил ознаките 1008, 6008, 7008 и 8008. Истовремено, продолжена е заштитата на некои постари имиња, меѓу кои 207 и 608.
Сепак, тоа не значи дека сите овие модели навистина ќе се појават на пазарот. Производителите често однапред ги заштитуваат потенцијалните ознаки за да спречат конкуренцијата да ги преземе и да си остават поголем простор за идните деловни одлуки.
Дали доаѓаат „Peugeot 1008“ и голем SUV 8008?
Новите ознаки се особено интересни во контекст на стратегијата на „Peugeot“ за проширување на понудата на кросовери и SUV-модели.
Потенцијалниот „Peugeot 1008“ би можел да биде најмалиот модел во оваа семејство, позициониран под актуелниот модел 2008. Со тоа, францускиот производител би добил уште еден автомобил наменет за купувачите кои сакаат возило со повисока каросерија и изглед на SUV, но во покомпактно издание.
На спротивниот крај од понудата е ознаката 8008, која отвора можност за развој на голем SUV позициониран над актуелниот модел 5008.
Засега нема доволно информации за ознаките 6008 и 7008 за со сигурност да се процени на кои автомобили би можеле да се однесуваат.
Најинтересните индиции доаѓаат од Кина
Поконкретни најави за идните модели „Peugeot“ веќе даде во Кина, каде што ги претстави концептните автомобили „Concept 6“ и „Concept 8“.
Првиот е голема, елегантна лимузина со елементи на караван, додека вториот најавува репрезентативен SUV. Сериските верзии на овие возила би требало да се произведуваат во Кина, во соработка со компанијата „Dongfeng“.
Можно е лимузината да ја добие ознаката 608, а SUV-моделот да биде именуван 8008, но „Peugeot“ засега не го потврдил официјално ова сценарио.
Токму кинескиот пазар би можел да има важна улога во развојот на новите модели, особено кога станува збор за големи автомобили кои со своите димензии, опрема и позиционирање би се разликувале од понудата наменета за европските купувачи.
Новите 208 и 2008 носат големи промени
Истовремено, „Peugeot“ подготвува значајни промени во својата европска понуда. Според досегашните најави, се очекува нова генерација на моделот 208, која би требало да се нуди исклучиво со електричен погон, додека актуелната генерација со бензински мотори би продолжила да се продава.
Сличен пристап е планиран и за моделот 2008. Тоа би значело дека „Peugeot“ паралелно би нудел различни генерации на истиот автомобил, наменети за купувачи со различни потреби и буџети.
Во план се и новиот 308, како и дополнителен SUV со повеќе опции за погон, кој би можел да биде позициониран под моделот 3008.