МАКЕДОНИЈА

Сакате детето добро да заработува? Пратете го да учи занает!

Да најдете добар електричар, водоводџија или плочкар во Македонија станува сè потешко, а кога конечно ќе најдете, треба добро да го одврзете ќесето. Мајсторите се барани, термините им се пополнети со недели однапред, а некои од нив месечно заработуваат и повеќе од луѓето со факултетски дипломи.

Пазарот на трудот полека ги менува правилата. Додека родителите сè уште сонуваат нивните деца да станат правници, економисти или инженери, добриот занает станува сериозна можност за сигурна работа и солидна заработка.

Електричари, водоводџии, заварувачи, ѕидари, автомеханичари, пекари и мајстори за клима-уреди се само дел од професиите за кои има голема побарувачка. Причината е едноставна. Работа има, но квалификувани работници нема доволно.

Според податоците и оценките на Занаетчиската комора, дел од занаетчиите во Македонија можат да заработуваат повеќе од граѓаните со високо образование. Особено се барани електричарите, златарите и мајсторите што поставуваат и сервисираат клима-уреди.

„Некои занаетчии месечно можат да заработат повеќе од луѓе кои завршиле факултет. Добра заработка имаат златарите, мајсторите кои местат клими, електричарите“, посочуваат од Комората.

Колку може да се заработи? Во Скопје, на пример, платата на искусен мајстор-пекар може да достигне околу 70.000 денари месечно. И покрај ваквите примања, дел од пекарниците тешко наоѓаат квалификувани работници.

Ниту во градежништвото состојбата не е поинаква. За лепење плочки се наплаќаат околу 1.500 до 1.800 денари за квадратен метар, додека замената на водоводна инсталација во бања може да чини стотици евра. Секако, тоа се цени на услуги, а не чиста заработка на мајсторите, бидејќи од наплатеното треба да се покријат материјалите, алатот, превозот и другите трошоци.

Економските аналитичари посочуваат дека недостигот од квалификувана работна сила ја зголемува пазарната вредност на занаетчиските професии. Работодавачите сè потешко наоѓаат луѓе што знаат да работат, а оние со искуство можат да договараат подобри услови.

Проблемот не е од вчера. Со години младите се насочуваа кон гимназиите и факултетите, додека средните стручни училишта често остануваа во втор план. На занаетот се гледаше како на резервна варијанта, а не како на професија од која може пристојно да се живее.

Дополнителен проблем е заминувањето на искусните мајстори во Германија и другите европски земји, каде што за истиот труд можат да добијат повисоки плати.

Познавачите на пазарот на трудот нагласуваат дека завршеното средно стручно образование само по себе не гарантира висока заработка. Потребни се пракса, искуство, одговорност и квалитетно извршена работа. Но, за разлика од некои професии во кои младите со години бараат прво вработување, занаетчиите можат релативно рано да почнат да заработуваат.

Државата се обидува да го зголеми интересот за стручното образование. За учебната 2025/2026 година беа предвидени 18.500 места во средните стручни училишта, од кои 6.725 во дуалното образование, распоредени во 269 паралелки. Во практичната настава беа вклучени стотици компании, а за дел од учениците беа обезбедени и стипендии од 3.500 денари месечно.

Дуалното образование им овозможува на средношколците, покрај теоретската настава, да стекнуваат практично искуство директно во компаниите. Така, уште пред да ја добијат дипломата, можат да се запознаат со работата и со барањата на работодавачите.

Сепак, претставниците на занаетчискиот сектор предупредуваат дека само отворањето нови паралелки нема да го реши недостигот од работници. Потребно е и компаниите да имаат интерес да обучуваат млади кадри, а учениците по завршувањето на школувањето да добијат услови да останат и да работат во Македонија.

За родителите што размислуваат каде да ги запишат своите деца, изборот повеќе не се сведува само на гимназија или факултет. Електричар, заварувач, автомеханичар или водоводџија може да биде професија со добра перспектива, особено за млад човек што сака практична работа.

А додека новите генерации мајстори да излезат од училиштата, граѓаните и понатаму ќе мора да чекаат слободен термин за поправка на бојлер, поставување клима или реновирање бања.

Б.З.М.